Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска денеска учествуваше на Безбедносниот форум - Дубровник 2018, кој годинава се одржува на тема „Зајакнување на отпорноста на Медитеранот, Европа и Западниот Балкан“. Шекеринска имаше воведно обраќање на форумот, во кое истакна дека Македонија од изолирана и заробена држава, стана успешна приказна.
„Македонија се промени. Ги разрешивме отворените прашања со Бугарија и Грција, фокусирани сме на реформите, зајакнувањето на економијата и враќањето на демократијата во земјата. Веруваме во партнерства. И јас сум неизмерно горда што сега сме гледани како успешна приказна. Постојат кругови кои сакаат во пресрет на референдумот да ги дискредитираат нашите напори. Но, ние знаеме дека сме на вистинската страна на историјата“, рече Шекеринска.
Министерката рече дека напорната политичка работа на сегашната Влада вроди со резултат – поканети сме во НАТО. Ова е клучен период за нас и благодарни сме за поддршката од членките на НАТО, присутни и на овој форум, додаде Шекеринска.
„Новата Влада од која сум дел започна храбра политика на меѓународен план, за надоместување на изгубеното време, водена од чувството дека постои момент кој треба да се искористи. Во релативно краток период покажавме дека и за комплицирани прашања, какви што беа нашите разлики со Грција, постојат решенија “, рече министерката Шекеринска.
Таа се осврна и на претстојниот референдум велејќи дека е демократски инструмент во функција на дефинирање на идните државни активности на меѓународен план.
Шекеринска рече дека напредокот на регионот зависи од решителноста со која се справува со противниците на прогресот кои користат лажни вести и дезинфомации. Но, никогаш порано, нагласи, регионот не бил толку блиску до надминување на застарени расправии, и многу е важно оваа поддршка за нашите напори да продолжи со зголемен интензитет.
„Македонија е географски европска држава, но наша задача е да ги донесеме европските правила и да ги зајакнеме европските вредности во општеството“, рече Шекеринска.
На форумот учествуваа четириесетина проминентни личности од политиката меѓу кои премиери, министри и заменици министри за надворешни работи од регионот, Европа и пошироко, како и претставници на повеќе меѓународни и тинк-тенк организации.
На маргините на форумот министерката имаше средби со високиот претставник на Стејт департментот Метју Палмер, со унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто и со амбасадорот на Канада во ЕУ, Даниел Костело.