Дебатата околу нацрт-текстот на предлогот на Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси продолжи на денешната трибина со политичките партии во организација на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата и Транспарентност Македонија - Скопје.
Министерката за правда Рената Дескоска кусо се осврна на Предлогот на Закон за спречување на корупцијата и судир на интереси. Таа при тоа додаде дека во изминатиов период во Министерството за правда пристигнале одредени коментари кои ќе го подобрат законскиот текст, оценувајќи дека во моментов е понуден задоволителен законски текст, кој секако ќе биде дополнет и подобрен со добиените коментари и препораките од различни меѓународни извештаи. Министерката Дескоска, исто така, информира дека во моментов во Македонија е техничката мисија на ГРЕКО која врши сондирање на законската рамка и одредени подзаконски акти коишто се однесуваат на оваа област.
Организаторот на дебата изрази жалење што јавноста нема да има можност да ги чуе мислењата и предлозите на претставниците на опозицијата поради тоа што тие не присуствуваа на истата.