Премиерот Заев: Пратениците треба да разговараат меѓу себе, да не ја испуштиме оваа неповторлива шанса за нашите интеграции во НАТО и ЕУ

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска после своето обраќање на конференцијата „Идни предизвици на економскиот развој и економските политики на Република Македонија“, во организација на Македонската Академија на науките и уметностите, во соработка со Владата на Република Македонија, Народна банка на Македонија и Стопанската комора на Македонија, одговараше и на прашања на новинарите поврзани со актуелната политичка ситуација.
 
Прашањата и одговорите ви ги пренесуваме во целост:
 
1. Што е со барањето на ВМРО ДПМНЕ за техничка влада, јавен обвинител, и за останатите услови?
 

Премиерот Заев: Апсолутно не се прифатливи, ниту има причини, ниту има потреба да се дискутира за вакви работи. Самите институции дадоа свои коментари. Да се бара комисија којашто треба да провери дали бил законски референдумот, дали имало законитост во неговото спроведување или слично, во услови кога претседател на ДИК е од ВМРО-ДПМНЕ, исто како и на други институции кои што се надлежни за самата контрола на избирачкиот процес, како на пример, Управниот суд, каде што нема променето ниту еден член, кој што е второстепен во делот на одлучувањето, мислам дека само кажува, што всушност се сака да се постигне со вакви барања. 

Ние остануваме на нашите ставови дека ќе направиме сè, во една пријатна атмосфера, многу нормална, многу одговорна, да разговараме со пратеници. Верувам дека ќе имаме некаков резултат кон крајот на неделата, почетокот на идната недела, некаде околу 10-ти октомври е некој таргет за да, секако, притоа и соопштиме на јавноста кои се следните чекори.

Јас се надевам дека ќе имаме можност да соопштиме дека се обезбедило мнозинство, повеќе од потребното двотретинско мнозинство, тоа е нормално, тога е добро за државата, и навистина Македонија нема да загуби непотребни месеци. 

Но, секако остануваат отворени прашањата за целата оваа ситуација да се решава и преку вонредни парламентарни избори кои што не ги посакувам.

Значи сакам да има еден цел мандат конечно, и за македонската економија, и за реформите, и за сите овие процеси.
 
2. Премиере, по синоќешната одлука на СДСМ дали ќе се разговара со Мицкоски, дали веќе разговарате со некои од пратениците на ВМРО ДПМНЕ?
 

Премиерот Заев: Јас мислам дека со Мицкоски нема што да разговараме. Видовте дека во минатото дадовме карт-бланш за техничка влада, прифативме карт-бланш за финансирање на политичките партии, го формиравме ДИК со претседателот на предлог на ВМРО-ДПМНЕ. За возврат не сакаа ни да разговараат за поддржување на процесите кои што се важни за Република Македонија.

Јас мислам дека ако јас се обидам било што, тоа само дополнително ќе нѐ одалечува едни со други во ставовите, и нема да дојдеме до решението.

Тоа е работа на пратениците, и навистина пратениците треба да разговараат. Јас веќе одржав два состаноци со координаторот на пратеничката група, со замениците координатори, со многу наши пратеници, кои што на колегијално ниво ќе разговараат. Ќе се видам и јас со некои пратеници. Сакаме во конструктивна, пријатна атмосфера да постигнеме цел, која што ќе значи конечно Македонија да ја потврди оваа неповторлива шанса за нашите интеграции во НАТО и ЕУ.
 
3. Дали постои опасност опозицијата да ги бојкотира и изборите ако не се исполнат условите, и тоа да го компромитира целиот процес?
 

Премиерот Заев: Не, не верувам во таква работа, затоа што тој процес го заокруживме кога беше лидерската средба. Со нашето прифаќање на пржинска техничка влада апсолутно тогаш го заокруживме процесот.

Секако, секогаш може да се измислуваат секаков вид на бајки, приказни или било што, ако некој сака да ескивира процеси, но да се држиме до она кое што е стратегија. Ајде прво да се обидеме со она што е исправно за државата. Да се обидеме прво со пратениците

Ако не, тогаш ќе ги отвориме овие дебати, за учеството на сите во изборите.