Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска го прими во посета новоименуваниот амбасадор на Руската Федерација во нашата земја, неговата екселенција Сергеј Баздникин.
Премиерот Заев му посака добредојде на амбасадорот Баздникин и истакна дека очекува и тој, како и неговиот претходник, да продолжи со успех во извршувањето на неговата одговорна работа за унапредување на односите меѓу двете земји.
Претседателот на Владата на РМ Заев како приоритет во интересите на Република Македонија ги издвои потенцијалите на економската соработка, особено во делот на земјоделството и производството на храна, како и интересот на нашата земја за проширување и унапредување на соработката во сферата на енергетиката.
Премиерот Заев и амбасадорот Баздникин се согласија дека треба да се поттикне работата на Мешовитата меѓувладина комисија за трговско-економска соработка за да се ефектуираат сериозните потенцијали на овој план.
На средбата е изразено задоволство од досегашната соработка на планот на културата која и понатаму останува силна врска меѓу двете земји, изградена на традициите и на заедничките специфики на културните врски.
Амбасадорот Баздникин на средбата рече дека ќе ги вложи своите капацитети и досегашно искуство за да се остварат потенцијалите за соработка меѓу двете земји.