Претседателот на Влада на Република Македонија Зоран Заев денеска, учествуваше на дискусијата на Форумот за граѓанско општество во Берлинскиот процес на тема „Мостови или ѕидови? Македонија и Западниот Балкан во Европа“ организирана од страна на Фондацијата Фридрих Еберт. На оваа дискусија учествуваше Јанис Армаколас универзитетски професор и член на најпознатиот тинк-тенк „ЕЛИАМЕП“ од Грција.
Во своето обраќање за време на дискусијата премиерот Заев рече дека мостовите отвораат перспективи.
„И Западниот Балкан, но и многу други региони во светот се познати по ѕидовите. Ретко е, да се градат мостови. Јас верувам дека модерната политика, овде, на Западниот Балкан, современа Европа, сè повеќе станува свесна, во делот на потребата, служејќи им на граѓаните, да се градат мостови, затоа што мостовите отвораат перспективи. Само преку мостови, можеме да видиме што има од другата страна и сето тоа да отвора бескрајни можности за нашите граѓани.
Граѓанските организации се будни следачи, односно посматрачи и коректори на состојбите во секоја земја, така и во Европа. Верувам, дека ние политичарите, можеме многу да научиме од нив, можеме многу да поправиме и можеме многу што да следиме од граѓанските организации, кои што барем во Македонија важат за сериозни организации, со висока експертиза, во она што значи димензионирање на иднината на граѓаните и на општеството“, нагласи премиерот Заев.
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, во своето обраќање за време на дискусијата истакна дека Република Македонија изгради многу клучни мостови во текот на една година и дека политичарите се тие кои во име на граѓаните одлучуваат за иднината на оваа земја.
„Верувам дека мотивацијата насекаде во Западен Балкан е сè поголема да се изнајдат решенија, сè поголема е да се градат мостови, и сè поголема е внатрешно да се реформираме. Колку таа мотивација ќе биде посилна, толку и во побрзо темпо ќе се одвиваат овие позитивни процеси кои што постојат овде на Западен Балкан. Мене ми е драго што нашата Македонија има еден пријател повеќе, кој и те како може да ни помогне“, истакна премиерот Заев на Форумот за граѓанско општество во Берлинскиот процес на тема „Мостови или ѕидови? Македонија и Западниот Балкан во Европа“, и додаде дека „граѓаните имаат право, да остават, политичарите кои што се избрани од нив, како поинформирани, да ги носат одлуките за нив. Затоа што кога доаѓаат тешките прашања, тогаш треба лидерите и политичарите да го подадат грбот и да ги носат одлуките“.
Во текот на дискусијата премиерот Заев напомена дека Македонија и внатрешно во државата секојдневно гради мостови, како дел од концептот „Едно општество“
„Едно општество за сите е концептот кој што го градиме и тој има сериозен успех и имаме многу обврски понатаму ова не е заради законот за јазици ова е заради секојдневието наше кое што го покажуваме, ова е заради секојдневните права, дури и правото на социјална помош или правото на детенце да учи музичко школо или правото на некој возрасен човек да добие пензија иако нема 15 години стаж па нема да го доживее животот до крајот. Тоа се човечки права кои што мора да бидат еднакви, тоа се на крајот европската декларација или резолуција за еднаквост за еднакви права и слично, тоа се вредностите кои сакаме да ги имаме овде во Македонија и на крајот на тој начин ја носиме Европа дома верувајќи во такви вредности имплементирајќи ги овде. Македонија е одличен модел на мултиетничко општество и навистина е редок пример, има и други земји една е Босна и Херцеговина којашто може да продолжи да биде само позитивен пример“, потенцираше Претседателот на Владата на РМ Заев за време на дискусијата на Форумот за граѓанско општество во Берлинскиот процес на тема „Мостови или ѕидови? Македонија и Западниот Балкан во Европа“ организирана од страна на Фондацијата Фридрих Еберт.