Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, прими писмо од Сојузната канцеларка на Сојузна Република Германија, Ангела Меркел.
Во писмото, канцеларката Меркел ја поздрави работата на Владата на Република Македонија и се осврна на исходот од референдумот и следните чекори кои треба да се преземат од политичките фактори во земјата за успешно продолжување на евро-атлантскиот интегративен процес на Република Македонија.
„Договорот ги нуди шансите за една историска спогодба и на зајакнувањето на добрососедските односи. Исто така отстранува значителна пречка за приближувањето на Вашата земја кон ЕУ и НАТО. Сега ќе биде важно да се направат следните чекори за спроведувањето на договорот за името, кои се, секако, многу изискувачки, со тоа што Парламентот ќе одлучува за потребната промена на уставот“, истакнува Канцеларката Меркел во своето писмо до премиерот Заев.
Канцелраката Меркел во писмото изразува надеж дека процесот во Собранието успешно ќе се реализира и дека Република Македонија ќе продолжи забрзано да чекори кон НАТО и Европската Унија, со оглед на фактот што големото мнозинство од граѓаните што учествуваа на референдумот на 30 септември се изјаснија позитивно за договорот со Република Грција.
Во своето писмо до премиерот Заев, канцеларката Меркел уште еднаш ја потврдува силната заложба за поддршка и за соработка на Сојузна Република Германија со Република Македонија.