Со пригодна церемонија министерот за економија Крешник Бектеши ги потпиша договорите со општините Чаир, Центар, Битола и Охрид за имплементација на проектот „Ревитализација на излозите на старата чаршија“.
„Целта на проектот за уредување на излозите во старите чаршии низ државата е враќање на автентичниот изглед на чаршиите, а воедно и нејзино разубавување и привлекување на што поголем број на посетители и туристи. Ние во рамки на Програмата за развој на туризмот за 2018 предвидовме, после скопската, да ја прошириме оваа активност и на останатите чаршии, и тоа во соработка со општините на чија територија се наоѓаат тие. За реализација на овој проект годинава обезбедивме буџет од 16,5 милиони денари, а преку јавен повик беа поканети општините Чаир, Центар, Битола, Охрид и Струга да аплицираат, притоа запазувајќи ги условите од самата техничка документација и предмер-пресметките, кои ги дистрибуиравме до нив. На повикот пристигнаа вкупно 182 апликации, а од услови согласно повикот исполнија 160 дуќани, од кои 115 од скопската, 38 од битолската и 7 од охридската чаршија. За жал, од струшката чаршија не добивме апликации“, рече министерот Бектеши, додавајќи дека општините ќе имаат рок од 1 година за имплементација на споменатите активности, а дуќанџиите немаат никаква обврска да партиципираат нивни средства, односно сите средства се обезбедени од страна на Министерството за економија, како и дозволите од надлежните институции одговорни за чаршиите, како што се Министерство за култура и конзерваторските центри.
Министерството за економија го започна овој проект во 2015 година, како пилот проект најпрво во Старата скопска чаршија, во која беа уредени 11 излози во блок 3.2 од Старата скопска чаршија. Имајќи го предвид големиот интерес, а и резултатите од проектот, во 2016 година проектот беше продолжен со уредување на комплетниот блок 3.2., односно пластичните и алуминските излози беа заменети со дрвени, притоа да не изгубат на автентичноста; натписите на дуќаните беа уредени унифицирано - на дрвена платформа; беа поставени слични тенди со различна боја, за да се издвојуваат дуќаните еден од друг, а во некои дуќани беа предвидени и дрвени кепенци, повторно во контекст на автентичноста на нивниот првичен изглед.
„Со сите овие активности успеавме да го вратиме сјајот на овој дел од Скопската чаршија, а сега целта ни е тоа да го направиме и со споменативе општини. Лично сметам дека ваквите проекти се доста корисни, имајќи ги предвид анализите според кои после туристичките центри, старите чаршии се меѓу најпосетените места од страна на туристите, како за прошетка, така и за купување сувенири, дегустација на нашите традиционални јадења и запознавање со старите занаети или набавка на занаетчиски производи“, потенцираше Бектеши.
Градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу ги пренесе искуствата од досегашната реализација на проектот во Старата скопска чаршија.
„Изразуваме благодарност за посветеноста на министерот Бектеши и неговиот тим, кои придонесуваат за зачувување на нашето културно богатство, посакувајќи ваквите соработки да продолжат во иднина. Со конкретниот проект објект на третирање се излозите на 97 дуќани во Старата скопска чаршија, чија вредност изнесува 11 милиони денари, кои се доделуваат од страна на Министерството за економија на Општина Чаир, како реализатор на проектот. Овој проект е одговор на потребата за постојана поддршка на занаетчиите со цел развој на нивната дејност, а со него ќе се создадат поповолни услови за економски развој на Општина Чаир и за развој на туризмот во Скопје“, изјави Ганиу.
Согласно анализите на Министерството за економија предвидено е за секој дуќан да се издвојат по 100.000 денари, а општините имаат обврска да ја спроведат реализацијата на проектите и тоа Чаир за 97 дуќани, општина Центар за 18, општина Битола за 38 и општина Охрид за 7 дуќани.