Тевдовски: Со Ребалансот на Буџетот им се помага на општините да ги намалат долговите

Целта на Предлог Ребалансот на Буџетот за 2018 година е да се направат корекции на расходната страна за да се обезбеди финансиска поддршка за општините за отплата на дел од долговите. Ова го истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на денешната прес-конференција, по повод усвојувањето на Предлог Ребалансот од страна на Владата. 

Како што истакна министерот за финансии, направени се помали корекции на приходната и расходната страна. 

 

 

- Приходната страна на Буџетот е коригирана незначително, за 0,5% надолу. Ревидирањето на планираните проекции на приходите на Буџетот на Република Македонија е пред се резултат на: намалувањето на приходите кои буџетските корисници ги остваруваат на сопствените сметки и благ пораст на социјалните придонеси, во однос на иницијално буџетираните од 812 милиони денари заради реализацијата во првите девет месеци од годинава. Расходната страна на Буџетот е коригирана надолу за 1,2 милијарди денари, односно за 0,5%. Нивото на буџетски дефицит е задржано на 2,7% од БДП. Со ова се задржува определбата за постепена фискална консолидација-рече Тевдовски.
 
Извршени се следните позначајни измени:
 
1. Намалување на одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, воглавно кај проекти финансирани со кредити. Капиталните расходи се намалуваат за 5,666 милијарди денари, од кои 1,672 милијарди денари на буџетската сметка и 3,994 милијарди денари на кредитната сметка. Каматните расходи се намалуваат за 897 милиони денари, пред сѐ заради успешното менаџирање со јавниот долг и обезбедувањето на пониски каматни стапки за сервисирање на долгот. А, се врши и реалокација на средства помеѓу буџетските корисници. Притоа, се обезбедуваат дополнителни 198 милиони денари за политички партии и истражувачки центри согласно промената на закон, како и средства за функционирање на ОТА до крајот на годината.
 
2. Се обезбедуваат дополнителни 1,8 милијарди денари за Фондот за здравствено осигурување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и за Агенцијата за вработување. Со овие средства освен непреченото реализирање на обврските на овие институции се очекува и етапно намалување на долговите на здравствениот систем.
 
3. Најголема алокација има за општините. Се обезбедува финансиска поддршка на општините во висина од 3,020 милијарди денари, со цел намалување на доспеаните, а неплатени обврски на општините и единките корисници основани од единиците на локалната самоуправа од областа на образованието, културата, детската и социјалната заштита.
 
Министерот за финансии рече дека начинот на реализацијата на финансиската поддршка на општините ќе биде утврдена со закон. Исто така, со закон ќе се постави механизам за спречување на можноста за трупање на неплатени обврски во општините.  Законите се во финална фаза на изработка, а ќе бидат доставени до Собранието доколку на пленарната седница биде изгласан почетокот на постапката на уставните промени. Во спротивно, ќе се распишат предвремени парламентарни избори и овој Ребаланс на буџетот нема да може да биде усвоен од страна на Собранието на Република Македонија.
 
- Јас би сакал да потенцирам дека во моментов постои можност да им се помогне на општините. А, доколку дојде до неприфаќање на почеток на постапката за уставни промени и се распишат предвремени парламентарни избори, таквата можност ќе се изгуби бидејќи Ребалансот нема да биде на сила, а во предлог Буџетот за 2019 година, кој е во фаза на изработка, не постои фискален простор за финансиска поддршка на општините, - рече Тевдовски.

Со Предлог Ребалансот ревидирана е проекцијата за раст на БДП на 2,8%. Како што беше посочено, тоа се прави пред сѐ заради блокадата за влез во НАТО и ЕУ од страна на опозицијата. Интеграцијата на земјава носи безбедност и сигурност, кои се најважни при носењето на одлуки од страна на инвеститорите. Неизвесноста негативно може да влијае на економијата.