Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, претпладнево се сретна со Лепа Бабиќ, амбасадорка на Босна и Херцеговина во Македонија, која го завршува мандатот.
На средбата се разговараше за актуелните политички состојби во двете држави, како и за потребата, и Република Македонија и Босна и Херцеговина, да продолжат по евро-атлантскиот пат како единствена опција за напредок и стабилност на двете земји и на регионот.
-Во Собранието на Република Македонија денеска почнува пленарната расправа по Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија, како дел од процесот со којшто ќе ја осигураме иднината на Македонија во ЕУ и во НАТО. Постои свесност кај сите пратеници, вклучувајки ги и пратениците и од опозицијата, за одговорноста што ја има овој парламентарен состав, во овој важен историски процес за Македонија. Се надевам дека ќе надвладе совеста и Собранието ќе ја спроведе граѓанската волја за стабилна, безбедна, економски развиена, евро-атланстката Македонија, рече премиерот Заев.
На состанокот е констатирано дека посебно во изминатата година, унапредени се односите помеѓу двете традиционално пријателски држави, Република Македонија и Босна и Херцеговина преку потпишаните договори, меморандуми, спогодби за соработка на повеќе полиња од интерес на граѓаните. Тоа се олеснувања на движењата на граѓаните, со лични карти, признавањето на возачките дозволи, напредокот на соработката во областа на културата, унапредувањето на соработката во областа на здравството, олеснување на набавката на лекови преку иницирање поактивна соработка меѓу здравствените фондови меѓу двете земи, што е во тек.
Заеднички е констатирано дека со оваа динамика е потребно да продолжи добрата пријателска соработка помеѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина.