По повод денешниот Меѓународен ден на жената од руралната средина, денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заедно со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, со Националната федерација на фармери потпишаа Декларација за подобрување на социјалната и економската положба на жените од руралните средини. Со оваа декларација потписниците се заложуваат за подобрување на економската и социјалната положба на жените во руралните средини преку зајакнување на ефективноста и влијанието на националните програми за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, креирање и промовирање на мерки за зголемување на можностите за вработување од руралните средини, креирање на мерки за признавање за признавање на неплатениот труд на жените за грижа на семејството и друго.
Министерот Николовски посочи дека како ресорно министерство, во соработка со останатите надлежни институции, се преземаат мерки за да се овозможат поволни услови за развој и напредок на жените во руралните средини.
„Наша задача и обврска е да создадеме услови за зголемено учество на жените во агросекторот и да им помогнеме на жените земјоделки да го реализираат својот потенцијал и да придонесат кон вкупниот развој на земјоделството. Така, при конкурирањето за одредени мерки од европската ИПАРД Програма и од националната Програма за рурален развој, жените фармери имаат предност, односно добиваат повеќе поени при рангирањето. Со зголемување на бројот на жени кои ги користат европските фондови, директно го помагаме нивното учество во македонскиот агросектор и правиме значаен чекор напред во постигнување на родова еднаквост во земјоделството“, изјави министерот Николовски.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, истакна дека МТСП, во соработка со министерството за правда и со Светска банка работи на законски измени со кои ќе се гарантира впишување во централен регистар и на мажот и на жената за имотот стекнат во брак. Со овие измени ќе се овозможи полесен пристап на жената до кредитите кои и се потребни за отпочнување на сопствен бизнис.
„Ако не го искористиме човечкиот потенцијал во нашата држава, ние не можеме да имаме економски напредок ниту економски раст. Во Mакедонија половина од жените ни се неактивни на пазарот на труд, а најголемиот дел од нив се од руралните средини. Но тоа така е само по статистика. Ние не можеме да го видиме ефектот на жените врз економијата бидејќи работата што тие ја работат ниту им е платена, ниту некаде е евидентирана“, изјави министерката Царовска.
На денешната конференција насловена како „Улогата на жените во руралните средини и нивните предизвици“, присуствуваа постојана претставничка на УНДП, Лујза Винтон, претставници од Амбасадата на Кралството Шпанија, странски експерти за родови прашања, советничката за земјоделство на ПВРМ, Ленче Николовска, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски, како здруженија на жени, претставници од Националната федерација на фармери.