Денеска во организација на Институт за стандардизација на Република Македонија (ИСРМ), а по повод Светскиот ден за стандардизација се одржа пригодна прес конференција со цел промоција на значењето на ова единствено национално тело за стандардизација во државата, кое е полноправна членка во европските и меѓународните тела за стандардизација.
Министерот за економија Крешник Бектеши, честитајќи го Светскиот ден за стандардизација, истакна дека Владата и Министерството за економија во рамки на своите надлежности имаат целосно разбирање за потребите за јакнење на Институтот за стандардизација и даваат поддршка за многубројните активности на оваа институтција во државата, основана пред 15 години.
„Од економски аспект, развојот и употребата на македонските стандарди ги отвора пазарите, но во исто време придонесува за заштитата на околината, сигурноста, безбедноста, здравствената заштита и пристапот до информации и знаење. Што е уште поважно, стандардите претставуваат мост меѓу производителите и потрошувачите. Тие се незаменлива и моќна алатка за развојот на трговските односи меѓу земјите во светот. Со нив се намалуваат, а во голем дел и се елиминираат техничките бариери при размената на стоки и услуги меѓу трговските партнери на светските пазари. Институтот за стандардизација на Република Македонија е единственото место каде се подготвуваат и се усвојуваат македонските национални стандарди и се реализираат програмите за донесување на стандарди во согласност со потребите на сите заинтересирани субјекти во државата. Токму тоа е можеби и најзначајната улога на Институтот за стандардизација“, рече Бектеши во своето излагање.
Директорот на ИСРМ, м-р Џеват Кицара објасни дека денес во Институтот членуваат 105 членови-претставници на стопанството, индустријата, факултетите, министерствата, а активно работат 27 технички комитети во кои се застапени над 250 експерти.
„Институтот е јавна установа, отворена за сите, а бројот на членови постојано се зголемува. Досега се усвоени преку 28.800 македонски стандарди, што говори за воспоставената тесна релација меѓу Институтот и заинтересираните страни“, истакна Кицара.
Претседателката на Собранието на ИСРМ, про.д-р Мери Цветковска се осврна на порака што по повод Светскиот ден на стандардизацијата е испратена од меѓународните организации за стандардизација: „Четвртатата индустриска револуција е започната, но со цел да го искористи својот целосен потенцијал за подобрување на општеството, потребни се стандарди. Во тој контекст, значењето на стандардизацијата расте со растот на глобалниот пазар и со зголемување на изборот на производите и услугите. Стандардизацијата придонесува за највисок квалитет со најмали трошоци, а стандардите промовираат рамноправна трговија и праведни цени“.
Претседателката на Советот на ИСРМ Јадранка Блажевска Гилев потенцираше дека стандардите се основа за развој на секоја индустрија, насекаде во светот, овозможувајќи вистински и мерливи бенефити во секој сектор на производи и на услуги, а членот на Советот Илир Шабани ја објасни улогата на Советот во одржување на препознатливиот македонски систем на стандардизација, континуирано креирајќи и усвојувајќи стандарди во насока на задоволување на потребите на економијата и бизнис заедницата, како и имплементација на македонските стандарди кај крајните корисници.