Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, се обрати повторно во дебатата во Парламентот, по Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија и порача дека за амандманите за промена на Уставот, Владата е отворена да ги направи заедно со опозицијата, во духот на постигнатиот Договор од Преспа.
Премиерот Заев се вклучи со реплика во дебатата, по барањето на пратеници од опозицијата да ја видат содржината на амандманите.
„Владата ќе треба да ги подготви нацрт амандманите во рок од 15 дена. Јас како прв во Владата повикувам заедно да седнеме да ги работиме амандманите. Едниот е пред Македонија да додадеме Северна. Другиот е за да ги истакнеме одлуките на АСНОМ. Да нема иредентистички повикувања. За европски начела на неповредливост на границите и територијални претензии“, објасни премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев рече дека власта и опозицијата треба заедно да учествуваат во изработката на амандманите. Тој за Договорот додаде дека станува збор за спогодба којашто носи кон пријателство, изрази подготвеност за нов амандман ако се смета за потребно и ја повтори можноста за дополнително потврдување на идентитетот.
„Апелирам, ова е дебата само за потребата за уставни промени. Пресериозна е работата. Спремен сум да седнам со сите, вклучувајки го и лидерот на опозицијата, за да изградиме национален консензус“, рече премиерот Зоран Заев, посочувајќи на подготовката на амандманите за промена на Уставот, во духот на Договорот од Преспа, на парламентарната седница на којашто втор ден власта и опозицијата дебатираат за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија.