Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со државниот секретар во МНР на Република Финска, Мати Антонен.
Државниот секретар Антонен пренесе поздрави од Владата во Финска за добрите односи помеѓу двете земји и посака успех на Македонија, во следните денови, во процесот во Парламентот, што води по избраниот пат за остварување на стратешките цели, Европската унија и НАТО.
На средбата се нагласени како важни добрососедските односи, што водат кон напредок на државите, за што државниот секретар Антонен и премиерот Заев споделија искуства.
„Фокусирани сме, низ инклузивен и конструктивен процес во Парламентот да ја водиме постапката за промена на Уставот на Република Македонија, како дел од Договорот од Преспа и со тоа да го обезбедиме членството на нашата земја во ЕУ и во НАТО. Тоа ќе значи осигурена стабилност и безбедност за нашата држава и можности за развој на економијата и повисок животен стандард“, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев објасни дека Владата е насочена и кон спроведување на потребните реформи што ќе овозможат подобар живот за граѓаните во својата земја, а се потребни и за пристапните преговори на Македонија кон ЕУ.
Во таа насока, државниот секретар Антонен, изрази поддршка на реформскиот процес, додавајќи дека заокружувањето на реформите во фаза на очекување на почетокот на отворањето на претпристапните преговори со ЕУ се олеснување за државата, бидејќи ефикасното затворање на потребните поглавја во процесот, го скратува патот до полноправно членство.
На средбата се споделени искуства и за функционирањето на области значајни за секојдневниот живот на граѓаните и за напредокот на државата. Се разговараше за значењето на вложувања во добро образование од рана возраст, за обезбедување подобра компетитивност при вработувањето и на компаниите. Државниот секретар Мати Антонен го сподели искуството на Финска во областа на енергетската ефикасност, нагласувајќи дека 40% од енергијата во Финска се произведува преку обновливи ресурси, со амбиција за понатамошен раст на оваа стапка. Премиерот Заев посочи дека и еден од приоритетите на Владата на Република Македонија со новиот Закон за енергетика е да се подобри значително енергетската независност и ефикасност на државата. Разговарано е и за начините за постигнување ефикасен здравствен систем.
Претседателот на Владата, Зоран Заев, преку државниот секретар во МНР на Република Финска, Мати Антонен, се заблагодари на Владата на Република Финска и на граѓаните на државата, за континуираната, конструктивна поддршка на нашата земја, Република Македонија во сите важни развојни и демократски процеси.