Денеска во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се одржа информативна работилница, на која се најави отпочнувањето на Студиите за изводливост во дел од избраните области за консолидација на земјоделско земјиште. Конкретно, се презентираа деталите околу имплементацијата и претстојните активности во рамките на проектот МАИНЛАНД, кој што како МЗШВ ги спроведува со ФАО од април минатата година.
Во рамките на овој проект, Европската унија, ФАО и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство работат заеднички на започнување на првиот циклус на посложени интегрирани проекти за консолидација на земјоделско земјиште на поголеми подрачја во државата. Тука се вклучени и посериозни инфраструктурни инвестиции, како дел од националната програма за консолидација.
„Крајната цел на овој проект, е да се зголеми конкурентноста на земјоделското производство, да се подобрат условите за живот во руралните средини, да се реши проблемот со напуштање на обработливото земјоделско земјиште, и секако, да се обезбеди одржливо користење на природните ресурси“, - изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
При тоа министерот Николовски посочи дека проектот за консолидација на земјоделското земјиште нема да заврши со сегашните избрани 12 локации, туку во текот на следниот период ќе започне избор на нови 12 локации во државата за окрупнување на земјоделското земјиште. Со цел непречено спроведување на проектот, МЗШВ ја подобри законската регулатива, што ќе придонесе за ефикасна реализација на целиот процес.
На денешната работилница проектниот тим на МАНЛАНД го претстави планот за спроведување на студиите за изводливост во претстојните месеци. Конкретно, во пет од избраните области за консолидација на земјиште започнува спроведување на Студии за изводливост, како прва фаза од постапките за консолидација на земјоделско земјиште. Се работи за селата Царев Двор, Спанчево, Соколарци, Логоварди и Оптичари.
Во периодот до март 2019 година, избрани геодетски компании од земјата ќе работат директно со земјоделците и локалните заедници на проценка на моменталната состојба на терен, утврдување на подготвеноста на земјоделците и сопствениците на земјиште да се вклучат во процесот на консолидација, идентификување на индивидуалните потреби, како и проверка дали се задоволени сите предуслови за успешна имплементација на консолидацијата на земјиште, во секоја од избраните области.
Избраните геодетски компании минатата недела ја добија првата обука во рамки на проектот за техничките аспекти за спроведување на претстојните студии за изводливост. Од утре, заедно со проектот МАИНЛАНД и МЗШВ тие ги започнуваат првите средби со земјоделците во селата Царев Двор, Спанчево, Соколарци, Логоварди и Оптичари.
Како краен резултат студиите ќе покажат дали консолидацијата на земјиште е изводлива во секое од подрачјата. Истите ќе обезбедат препораки за најдобар пристап за консолидација на земјиштето во секоја од подрачјата, а исто така ќе ги идентификуваат и приоретизираат потребните инвестиции во земјоделска инфраструктура согласно потребите во секоја заедница.
Проектот MAINLAND (Воведување на Национална Програма за Консолидација на Земјиште) е финансиран од Европската Унија и го спроведува Организацијата за Храна и Земјоделство на Обединетите Нации (ФАО). Ова е голема поддршка за Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство при спроведувањето на Националната стратегија за консолидација на земјиште за 2012-2020 година. Буџетот на проектот изнесува 2,56 милиони евра, 2,5 милиони евра од Инструментот за претпристапна помош на ЕУ и 61,2 илјади евра придонес на ФАО. Проектот се спроведува во времетраење од 3,5 години, почнувајќи од март 2017 до август 2020 година.