Делегацијата на Владата на Република Македонија, предводена од Заменик претседателката на Владата на Република Македонија и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, заедно со Националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски, ја отворија денешната сесија со Помошник генералниот секретар на НАТО, амбасадорот Александро Алваргонзалес, и со тимот на НАТО за преговори со Република Македонија.
Помошник генерлениот секретар на НАТО, амбасадорот Александро Алварогонзалес, посакувајќи им добредојде на членовите на македонската делегација, и истакна дека стартот на пристапните разговори е резултат на долготрајната подготовка и заедничка соработка меѓу НАТО и Република Македонија на планот на остварување на политичките и воено-безбедносни стандарди за членство во алијансата.
Во своето обраќање Заменик претседателката на Владата на Република Македонија и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, потврди дека нашата земја е целосно подготвена да ги прифати обврските што произлегуваат од Договорот од Вашингтон, како основачки акт за НАТО кој ги уредува принципите за членство во Алијансата, и дека со целосна посветеност ќе земе учество во структурите и политиките на НАТО.
Заменик претседателката на Владата на Република Македонија и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, истакна дека нашата земја постигна забележителни успеси во реформите и тие се препознаени како исполнување на стандардите од сите земји членки на НАТО. Таа додаде дека во оваа фаза останува последниот чекор што треба да биде направен – пратениците во Собранието на РМ да го одобрат Договорот од Преспа како единствен пат до целосната реализација на членството во алијансата.
Националниот координатор за НАТО на Република Македонија Стево Пендаровски информираше за сите потребни активности и мерки за исполнување на бараните цели наведени во Планот за спроведување на процесот на пристапување, подготвен од Комитетот за интеграција во НАТО на министерско ниво, како и од Работниот комитет за интеграција во НАТО.
Пендаровски додаде дека согласно Планот, веднаш започна реализацијата на обврските што произлегуваат од пристапните разговори, од кои најголемо внимание беше посветено на Програмата за продолжување на реформите, во која примарниот фокус е ставен на реформите во одбраната и безбедноста, како и во областите како што се владеењето на правото, судската реформа, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформата на јавната администрација, реформите за следење на комуникациите и разузнавачките служби.
Како дел од агендата од оваа сесија преговори во седиштето на НАТО во Брисел, Заменик претседателката на Владата на Република Македонија и министерка за одбрана Радмила Шекеринска имаше одделна средба со Заменичката генерален секретар на НАТО Роуз Готемелер. Двете соговорнички на средбата се согласиле дека стартот на пристапните преговори е потврда дека Република Македонија е на вистинскиот пат, дека поддршката на алијансата за земјата останува и ќе се оствари исклучиво со реализација на договорот од Преспа, и дека како историска се очекува одлуката на пратениците во Собранието на Република Македонија.
Дводневната сесија од завршната фаза на пристапните разговори за членство во алијансата на Република Македонија во седиштето на НАТО во Брисел, продолжува и утре.