Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Пеце Мирчески, денеска во изјава за медиумите кажа дека остварил средба со претставниците на менаџментот на Тинекс МТ ДОЕЕЛ СКОПЈЕ и КВИНС ХОТЕЛ ДОО СКОПЈЕ, кои го имаат склучено договорот за јавно-приватно партнерство со СОЗР. Во изјавата директорот Мирчески меѓу другото рече:
„Претставниците го повторија ставот изнесен во писменото соопштение дека еднострано го раскинуваат Договорот бидејќи, како што нѐ известија, работењето на комплексот „Македонско село“ е исклучиво со загуба.
Претставниците на менаџментот ме известија дека се свесни за правните обврски кои произлегуваат од Договорот, а тоа подразбира активирање на Гаранцијата за квалитетно извршување на Договорот во износ од 2.690.409 денари, односно околу 43.000 евра и подмирување на киријата за следните 6 месеци.
Сакам да ја известам јавноста дека комплексот Македонско село е инвестиција на Република Македонија, и дека одлуката за овој неодржлив проект ја има донесено Владата на Република Македонија, потпишана од поранешниот премиер Никола Груевски и објавена во Службен весник на 24 јуни 2015 година.
Притоа, од парите на граѓаните за оваа непродуктивна инвестиција се издвоени 6.5 милиони евра, со цел комплексот да биде ставен во функција.
Ако се има предвид дека месечната кирија за комплексот изнесувала 3.500 евра и дека во овој момент се испоставува дека истата е неодржлива и дека комплексот работел со загуба, преку едноставна пресметка може да се заклучи дека државата и граѓаните ќе си ги повратат вложените средства, после 150 години. Не сакаме да навлегуваме во тоа што сè би можело да се изгради или направи за интересите на граѓаните со овие 6.500.000 евра.
Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија на следната седница на Владата ќе достави информација за целосната постапка која произлегува од ново-настанатата состојба. Понатаму Владата на Република Македонија ќе донесе одлука за натамошно постапување“.