Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, во придружба на пратениците од мнозинството и со дел од членовите на Владата, одржа прес-конференција по двотретинското изгласување на постапката за уставни измени во Собранието на РМ.
Обраќањето на премиерот Заев ви го пренесуваме во целост:
Денес е историски ден за нашата земја. Заедно напишавме историја.
Откако Вие, почитувани мои сограѓани, со огромно мнозинство од излезените гласачи на референдумот го одобривте договорот од Преспа за членство на Република Македонија во Европската Унија и НАТО на 30-ти септември, денес, Собранието на Македонија ја следеше вашата волја со двотретинско мнозинство и овозможи да застанеме одлучни во нашата намера да влеземе низ отворните порти во Европската Унија и НАТО.
Македонија ќе биде дел од европското семејство. Нашите сонови и визии за подобар живот во подобра земја - ќе бидат исполнети.
Ќе пристапиме до двете најмоќни организации во светот - како полноправна членка, како независна и горда земја. Со оваа историска одлука, нашето пристапување во НАТО, кој веќе започна, ќе продолжи со зголемен интензитет и со јасен исход.
И процесот на членство во ЕУ ќе започне веќе следната година. Го имаме датумот.
Ова е историски момент. Сакам искрено и директно да му се заблагодарам на секој пратеник за оваа историска одлука. Но, особено сакам да им се заблагодарам на оние храбри членови на ВРМО-ДПМНЕ и нивната коалиција кои го ставија интересот на државата и на граѓаните над партиските интереси и гласаа ЗА, и покрај непотребниот политички притисок на нивното партиско раководство.
Децата на Македонија ќе бидат горди на сите нив, како и на пратениците од мнозинството. Сите ќе бидеме горди на нашите пратеници.
Во овој момент, луѓето во Македонија се горди што имаат вакви пратеници. Секој граѓанин на нашата земја е горд на покажаната храброст. Уверен сум дека го делам чувството на гордост на секој наш граѓанин за покажаната одговорност и за подготвеноста да се прифати и личниот ризик за доброто и иднината на нашата земја и за нашиот народ.
Со вакви одлуки се луѓето стануваат хероите. Денес, заедно напишавме историја и вие сте многу повеќе отколку само дел од неа. Вие денес самите станавте херои во историјата што ќе ја раскажуваат идните поколенија.
Бидете сигурни, луѓето во Македонија нема да заборават што направивте за иднината на земјата. И бидете сигурни дека, како премиер, јас останувама на зборот дека ќе ја гарантирам вашата сигурност и сигурноста на вашите семејства.
Денес ја надминавме големата пречка што стоеше прад нас и меѓу нас и ја изградивме државотворната коалиција. Коалиција со граѓаните за јасна и стабилна иднина за иднината на сиот наш народ.
Да ја одржуваме силна оваа коалиција - бидејќи нашето патување кон поубава иднина, кон нашето членство во ЕУ и НАТО, штотуку започна. Ајде сега да направиме долгиот пат да биде покус.
Ни претстои работа на парламентарниот процес за спроведување на договорот од Преспа. Заедно ќе ги усогласиме амандманите на Уставот. Заедно ќе работиме на помирувањето, на простувањето и на националното обединување, бидејќи и тоа бара посветеност. Паралелно со тој процес, останува да се фокусираме на спроведување на неопходните реформи за да ги постигнеме европските стандарди. Правото и правната држава се нашата обврска и од тоа нема и нема да има обврски.
Во следните недели, месеци и години треба да се направат многу промени.
Денес му дадовме нов, свеж старт на тој процес.
Затоа, мора да продолжиме, она што го започнавме денес во коалицијата со граѓаните за иднината на нашата земја.
Уверен сум дека заедно ќе ја одведеме Македонија во светла иднина.
Имам порака и за оние кои ја отфрлија одговорноста денеска. Јас сè уште не ја изгубив надежта, дека и тие ќе се преиспитаат и ќе се приклучат кон државотворната коалиција за иднината на нашата земја. Македонија оди по еден, единствен пат. Вратите се отворени. Приклучете се.
Да живее Македонија! Да живеат граѓаните на Македонија!