ЗПВРМ Шекеринска: Историскиот глас на пратениците, беше глас против изолација, несигурност, сиромаштија и против нови политички кризи, Евро-атлантската иднина на Македонија е потврдена

Заменик претседателката на Владата на Република Македонија, Радмила Шекеринска одржа прес конференција во врска со усвоените предлогот за уставни измени на која го поздрави големиот исчекор што во петокот го направи Собранието и воедно изјави: 

 

 

Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,

Дозволете во име на Владата на Република Македонија и во свое лично име, да го поздравам и честитам големиот исчекор којшто во петокот го направи Собранието на Република Македонија и со тоа ги отвори вратите на Република Македонија за Европска и Евроатлантска иднина на нашата држава.

Честитам на заедничкиот напредок којшто во петокот го постигнаа 80-те пратеници од власта и опозиција со единствена цел - да се потврди на евроатлантската ориентација на иднината на Република Македонија.

Пратениците, коишто беа и се поддржани од сите демократски сили во земјата, презедоа одговорност и ја искористија историската шанса и навистина нова страница во историјата на Македонија со којашто таа најпшосле од калта на минататото и се извлекува од ризиците за изолација и отсуство на напредок. 

Денес, на задоволство и олеснување на огромно мнознство граѓани во државата, Македонија е уште повеќе подготвена за нејзината просперитетна европска иднина за која сите ние се боревме и сонувавме 27 години – Македонија покажа дека е подготвена да стане членка на НАТО и покажа дека е подготвена да ги почне преговорите за членство во ЕУ.

Оваа одлука на 2/3 парламентарно мнозинство значи влез на Македонија во безбедносен штит на најмоќниот воено-политички сојуз во светот. Со оваа одлука Македонија станува фактор на стабилност во регионот. Потврдуваме дека сигурноста на нашите граѓани е гарантирана, а државните граници заштитени - засекогаш.

Факторот стабилност кој произлегува од членството на Македонија во НАТО и идниот почеток на преговори со ЕУ ќе донесе нови и големи странски инвестиции но и ќе ги охрабрат домашните инвеститори. Инвестициите ќе отворат нови работни места, ќе обезбедат поголеми платите и ќе обезбедат извоз кој и е потребен и толку важен на Република Македонија.

Одлуката во Парламентот значи дека влегуваме во сојуз кој функционира според правила и прописи. И тие правила и прописи се побитни од секој пеодинец. Со исполнување на домашните обврски паралелно создаваме функционална држава во која владеат редот и законот и во која институциите се во служба на граѓаните - отворени и отчетни. 

Почитувани граѓани,

Историскиот глас на пратениците во исто време беше и глас против изолација, против несигурност и против сиромаштија. Глас против нови политички кризи.

Тој глас повторно ги сврте очите на светот кон Македонија. Светот гледа. Светот гледа и ја поздравува покажаната државничка одговорност на пратениците, коишто знаеја дека нивната прва и единствена цел е да ги претстават и обезбедат интересите на оние кои ги избраа, на граѓаните на нашата земја. 

За поздравување е таа храброст и одговорност, да се има сила, сите работи да се стават настрана а во центарот на одлуките да се стави иднината на татковината. 

Овој историски момент повикува на обединување на сите политички сили, на сите прогресивни сили во Република Македонија. Тоа ни е потребно како никогаш досега. Верувам дека сега е можна дури и поголема поддршка во Собранието за спроведување на договорот од Преспа и со тоа за зачленување на Македонија во НАТО и ЕУ. Секој пратеник кој верува и знае дека Македонија треба да стане дел од западниот свет треба да ги поддржи уставните измени во следните фази.

Затоа, ќе продолжиме да повикуваме и да спроведуваме политика на обединување на сите позитивни прогресивни сили во државата. 

Знам дека повикот на премиерот поттикна многумина граѓани, барем за момент да помислат дека е возможно да ги надминеме кавгите и поделбите во државата. Сега е момент овој тип на делби да ги оставиме зад нас. Сега е моментот да зборуваме за суштинско помирување и обединување кое ќе тргне од Собранието, но ќе влезе низ сите сегменти на општеството и ќе остави позитивен исход секаде кајшто има политчки раскарани граѓани - тоа сѐ е за доброто на нашата земја. 

Сакаме да и дадеме шанса на таа енергија да не направи поблиски и да не направи пофокусирани за обезбедување на иднина за Република Македонија, и покрај политичките разлики што сме ги имале, ги имаме и ќе продолжиме да ги имаме.

Ви благодарам.