Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска заедно со Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, присуствуваа на манифестацијата „Валандовска ракијада“. Оваа манифестација се одржува по 19-ти пат, за прв пат оваа година е поддржана и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Овој настан го симболизира завршувањето на гроздоберот.
Министерот Николовски, ги информираше присутните за сумираните податоци за годинешното откупено грозје, како и за сегашните и идните мерки што ги презема МЗШВ за развој на лозарството.
„Откупени се близу 100 милиони килограми грозје, а се постигна и повисока откупна цена, од кои најголем дел од сортите смедеревка и вранец, но и други сорти. Оваа година се постигна и повисока откупна цена за грозјето. Конкретно просечната откупна цена на вранецот достигна 13,55 денари за килограм, а на смедеревката 12,28 денари за килограм. Ова е значајно да се потенцира ако ја имаме во предвид и дополнителната нова субвенција што ја донесе Владата за лозарите, како и континуираните мерки што ги преземаме“, изјави Николовски.
МЗШВ континуирано креира мерки и поволни услови за развој на лозарството. Така, со цел зголемување на рентабилноста на производството на двете најзастапени сорти, воведена е нова дополнителна субвенција од 1 денар за килограм предадено грозје за смедеревка и вранец. За оваа нова дополнителна субвенција лозарите ќе можат да конкурираат до 25 декември годинава.
Дополнително, со годинешната Програма за финансиска поддршка во земјоделството, лозарите кои имаат од 1 до 10 хектари лозје, ќе добијат ќе добијат 20 отсто повисоки субвенции, односно наместо 40.000 денари 48.000 денари по хектар за одржување на насади. За зголемување на конкурентноста и следење на светските трендови, воведена е и нова дополнителна субвенција од 12.000 денари по хектар за реконструкција на лозови насади, за промена на сортиментот.
Во рамките на денешниот настан четириесет производители на ракија ги претставија своите начини и техники за производство на традиционалната македонска ракија. Комисија составена од технолози го избра производителот на најквалитетна ракија, на којшто му беше доделена награда.