Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, претпладнево се сретна со Рејчел Галовеј, амбасадорка на Обединетото Кралство во Република Македонија.
Британската амбасадорка Галовеј ја поздрави одлуката на Парламентот на Република Македонија во поддршка на Преспанскиот договор што е значителен чекор напред во евро-атлантските интеграции на Република Македонија.
Двотретинското мнозинство во Собранието за Предлогот на пристапување кон уставните промени покажа дека е можно пратениците од власта и од опозицијата да работат заедно кога станува збор за клучните прашања за граѓаните и за државата, како што се интеграциите и реформите, констатирано е заеднички на средбата. Соговорниците изразија поддршка за зајакнување на консензусот во Парламентот за прашања од државен интерес.
-Ќе продолжиме во позитивна атмосфера, низ конструктивност и инклузивност, со пратениците во Парламентот, да работиме на нацрт уставните амандмани. Забелешките на пратениците од опозицијата кои дадоа поддршка на евро-атлантскиот интеграциски процес на Македонија, во врска со содржината на амандманите, се во духот на Договорот од Преспа. Исто така постои свест за значењето на помирувањето, кое што е неопходно, за да продолжат уште поактивно реформските процеси, важни за евро-атлантските интеграции, но и за економскиот развој на државата, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Зоран Заев, во врска со реформите соопшти дека фокусот е на втората фаза од судските реформи, на антикорупциските закони, на реформите на УБК, на јавната администрација.
Амбасадорката Рејчел Галовеј соопшти дека Обединетото Кралство активно ја следи политичката ситуација во Македонија и дека дава принципиелна поддршка на помирувањето, кое што е важно за интеграциите на Македонија, а со тоа и за стабилноста на целиот регион.