Владата на РМ го одбележа 23 Октомври: Храброста на нашите револуционери е мотив за храбри чекори, македонскиот народ низ историјата секогаш бил определен кон западните цивилизациски вредности

Делегација на Владата на Република Македонија предводена од министерот задолжен за подобрување на инвестициска клима за домашните компании, Зоран Шапуриќ, по повод празникот „Ден на македонската револуционерна борба - 23 октомври”, денеска положи венец со свежо цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот Парк во Скопје.

Во составот на Владината делегација беа и Националниот координатор во Владата на Република Македонија за здруженијата на бранители, Стојанче Ангелов и Драган Василевски, советник за одбрана на Премиерот на Владата на Република Македонија.

 

Во честитката до граѓаните, министерот Шапуриќ подвлече дека „Денот на македонската револуционерна борба - 23 октомври“ нè обврзува заеднички да ги водиме нашите идни битки - за мир, за стабилност, за подобар живот во Македонија. 

Истакнувајќи ја храброста на нашите револуционери, на кои денес им се поклонуваме и ги чествуваме, министерот подвлече дека македонскиот народ низ историјата секогаш бил определен кон западно-европските цивилизациски вредности и порача дека наша должност е да продолжиме по тој пат, патот кон НАТО и ЕУ.

Во чест на 23 Октомври - Денот на националната борба, денот кога во 1893-та година во Солун беше основана Македонската револуционерна организација (МРО), на споменикот на Гоце Делчев, симболот на македонската револуционерна борба, положија цвеќе и делегации на Собранието на Република Македонија, на Претседателот на РМ, на АРМ, на Сојузот на борците на РМ, како и претставници на МАНУ, на УКИМ, на политичките партии и на дипломатскиот кор во земјата.