Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, беше во посета на млади земјоделци во с. Оризари кои ги искористиле средствата од мерката „Млад земјоделец“. Николовски на терен се увери во успешноста на мерката за која има голем интерес кај младите кои започнуваат сопствен агробизнис и истата успешно се реализира.
„Нашата цел е младите да ги поттикнеме да почнат свој бизнис и да ги задржиме тука. Интересот за оваа мерка расте и оваа година имаме 1045 апликации, речиси двојно повеќе од лани. Со ова остануваме на заложбата да ги вратиме парите кај граѓаните. Ова не го правиме само преку субвенции туку преку развојни проекти со кои го стимулираме развојот на агробизнисот во земјата“ – истакна министерот Николовски.
Николовски беше во посета на фамилијата Лековиќ кој ги има искористено придобивките од ИПАРД програмата за млад земјоделец.
„Многу сме задоволни од сите поддршки и програми од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство и поготово од Платежната агенција. Преку програмата млад земјоделец купивме трактор, а преку ИПАРД аплициравме за уште еден. Со новата механизација сме порентабилни и побрзо обработуваме површини“, изјави Елзин Лековиќ.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски истакна дека, предност на повикот имаат младите невработени лица повеќе од две години.
„Со овие програми и средства сакаме да обезбедиме нови можности за успех на сите млади кои се занимаваат со земјоделство, да им го олесниме начинот на обработка на земјоделските површини, развој на органско и сточарско производство. Да ги мотивираме да ги зголемуваат обработливите површини, да создаваат поквалитетни производи и поголем пласман, изјави Бабовски.
Со новите критериуми на повикот се обезбедува фондовите да стигнат до вистинските земјоделци и целосно ги исклучуваме можностите за злоупотреба. Минатата година беа склучени 424 договори од кои веќе 313 се реализирани, за што се исплатени околу 3 милиони евра.
Преку мерката „Млад земјоделец“ невработените млади може да добијат 10.000 евра неповратни средства за вложување во агробизнис, средства пред сѐ наменети за набавка на механизација и други инвестиции.