Во Медицинскиот Симулативен центар, денеска на прес-конференција министерот за здравство, Венко Филипче, претставничката на организацијата „Хоуп“, Емилија Дуковски и тренери од „Дрим Докторс“, Ноам Инбар и Ротем Голденберг од Израел, најавија нова програма, медицински кловнови која ќе им помогне на пациентите во болница да го намалат стресот, анксиозноста и кај децата - стравот од лекари.
На Клиниката за детски болести, со помош на Израелската невладина организација „Дрим докторс“, за најмладите пациенти обучени се т.н 26 медицински кловнови, кои имаат задача да му го одвлечат вниманието на пациентот од тешките терапии и боцкања.
„Со завршената обука, сакаме идните медицински кловнови на пациентите и дечињата кои се подолго време во болница да им помогнат да ја заборават болката и да поразговараат со нив, на еден поинаков пристап. Да им дадат психосоцијалнa поддршка, коja е најважна за здравјето.
Оваа програма функционира секаде во светот, и се покажа за исклучитено успешна во лекувањето на пациентите“, истакна министерот Филипче.
Во овој контекст, министерот Филипче, најави дека во текот на наредната недела ќе биде потпишан и Меморандум за соработка меѓу Министерството за здравство и Комората на психолози на Република Македонија, со што ќе се отворат можности за соработка со цел да се обезбеди психолошка поддршка на пациентите и нивните семејства.
Медицинските кловнови се обучени за психологија, социјална работа, нега и театар. Работат со медицински професионалци во неколку области и специфични популации, како деца, возрасни, жртви на сексуална злоупотреба, хронични болести.
Овие лица, или „доктори од соништата“, во предходни разговори со лекарите, подготвени им приоѓаат на пациентите. Со овој проект на израелските медицински кловнови, преку нивниот интегративен и индивидуален пристап, им помагаат на луѓето да полесно да заздрават. Тие можат да ги посетуваат одделенијата како педијатриска хирургија, дијализа, дневните болници, одделенијата за хемато и општа педијатрија.
Министерот Филипче изрази благодарност до тренерите Ноам Инбар и Ротем Голденберг од Израел, кои со многу енергија и ентузијазам им ги предаваа вештините за оваа професија на учесниците кои деновиве за време на обуката учеа од овие врвни експерти.
„Оваа програма за првпат се воведува кај нас, направиме обука, а денеска ја имам можноста да ги доделам и сертификатите за завршена обука на идните медицински кловнови, а вкупно се 26 учесници, медицински и немедицински лица“, потенцираше Филипче.
Во светот оваа програма е многу застапена, во Република Македонија за првпат се имплементира во организација со Project HOPE, со Израелска Амбасада, MASHAV, Dream Doctors и Министерство за здравство.
По завршувањето на прес-конференцијата, министерот Филипче ги додели и сертификатите на учесниците на обуката за т.н медицински кловнови.
Што претставува значењето на терапевтските медицински кловнови?
Медицински кловнови се специјално обучени медицински лица вработени во јавните здравствени установи, кои посебно внимание ќе посветуваат на психосоцијалните потреби, главно на хоспитализираните деца, како и посета на возрасните лежечки пациенти. Тие преку терапевтска уметност на игра и хумор ќе им помагаат на пациентите и на нивните семејства да го намалат стравот и вознемиреноста за да можат својата сила и мотивација да ја зголемат и насочат кон справување со болеста. Целта е преку моќта на позитивниот пристап да им се помогне на децата, барем за миг да заборават на болеста и стресот.
Овие медицински кловнови, се разбира, не се обични лица кои се маскирале во кловн, туку специјално обучени медицински лица, кои владеат специјални вештини и ја подобруваат психолошката состојба на пациентот.
Медицинските кловнови ќе користат методи на експресивна терапија, кои се користат како дел од процесот на лекување. Тие ќе обезбедуваат услуги во многу области, ќе имаат можност да влезат во соба на пациентите, кои не можат да станат од кревет, кои се лекуваат на интензивна нега, одделенија за итни случаи, како и во ходниците, чекалните и лифтовите.
Ваков пристап на лекување веќе функционира во голем број држава во Австралија, Нов Зеланд, САД, Обединетото Кралство, Канада, Израел, Јужна Африка, Хонг Конг, Бразил и цела Европа.
Докажано е дека позитивниот пристап, односно исцелителната моќ на хуморот и смеата го победува стресот, ја намалува болката со ослободување ендорфин (природен лек против болки во телото), го зголемува имунолошкиот систем преку зголемување на нивото на Т-клетките и намалување на нивоата на кортизол во серумот, помага да се промовира позитивен став, им помага на луѓето да се справат со тешки ситуации и помага да се создадат врски и затоа поддршката меѓу луѓето, од кои сите го помагаат процесот на лекување.
Идеен творец на оваа терапија која се спроведува со медицинските кловнови ја почнал Пач Адамс пред околу четири децении, кој го основал Институтот Gesundheit во 1971 година и секоја година организирал група волонтери од целиот свет за да патуваат во различни земји, во обид да донесат хумор за хоспитализираните пациенти и во соработка со Институтот, промовираат алтернативен модел за здравствена заштита.