Владата на Република Македонија на својата денешна, редовна 99-та седница, го утврди текстот на Нацрт-амандманите на Уставот на Република Македонија, и донесе заклучок да го достави до Собранието на Република Македонија.
Во духот на трајната определба за транспарентност, до документот со утврдениот текст на Нацрт-амандманите на Уставот на Република Македонија, граѓаните и стручната јавност можат да пристапат преку следниот линк: https://vlada.mk/nacrt-amandmani
На оваа седница, Владата на Република Македонија ја разгледа и ја усвои Информацијата за потребата од донесување на Закон за изменување и за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци - Штип и патна делница Кичево - Охрид, заради склучување на Анекс бр.3 кон Договорот за изградба на автопат, делница Кичево - Охрид, помеѓу Јавното претпријатие за државни патишта и компанијата Синохидро.
Во врска со оваа точка Владата на РМ донесе и повеќе други заклучоци кои се однесуваат на надлежностите, обврските и динамиката на активностите за сите засегнати страни опфатени со новопредложениот анекс.
На предлог на Министерство за правда, на денешната седница беше разгледан и Предлогот на закон за спречување на корупција и судир на интереси.