Учество на работилница за справување со враќањето на странски терористички борци и зајакнување на капацитетите за нивно откривање на границите, одржана во Скадар, Република Албанија

Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Борче Петревски и Националниот координатор за интегрирано гранично управување, Владимир Пивоваров, учествуваа на работилница за справување со враќањето на странски терористички борци и зајакнување на капацитетите за нивно откривање на границите во Скадар, Република Албанија од 20-21.11.2018 година. Работилницата беше организирана од страна на Координативниот центар за спречување на насилен екстремизам на Република Албанија, ОБСЕ и Канцеларијата за дрога и криминал при ООН. Учесници на работилницата беа Националните координатори за спречување на насилен екстремизам на Република Албанија и Република Црна Гора, претставници од меѓународната заедница во Република Албанија и локални и меѓународни експерти. 

За време на работилницата се дискутираше на теми од повеќе области, вклучувајќи: (1) закани и трендови поврзани со странски терористички борци во земјите од Западниот Балкан, (2) преглед на правната рамка поврзана со феноменот на странски терористички борци, (3) зајакнување на капацитетите на гранична полиција за откривање на странски терористички борци, (4) регионална соработка и (5) имплементација на Advance Passenger Information системот за поефикасна борба против тероризмот. 

Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам  имаше презентација и обраќање на четвртата тема – регионална соработка. Во својата презентација ја претстави организациската структура и мандатот на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам и заедно со Националниот координатор за интегрирано гранично управување ја претставија актуелната ситуација на гранични премини, активностите и мерките кои тековно се спроведуваат за спречување на движењето на странски терористички борци, и преставија некои од активностите предвидени согласно со Акцискиот план за борба против тероризам.

Спречувањето на приливот на странските терористички борци и зајакнување на капацитетите на институциите кои се вклучени во интегрирано гранично управување се клучни приоритети на Владата на Република Македонија врз основа на Националната стратегија за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам. За успешно реализирање на приоритетите во тек се и се планираат повеќе активности на министерствата и државните институции во соработка со меѓународните партнери во Република Македонија.