Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска се сретна со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која, со кого разговараа за актуелната политичка ситуација, истакнувајќи ја важноста на улогата на Мисијата на ОБСЕ во поддршка на функционирањето на правната држава и посветеноста на реформскиот процес.
На средбата, на која присуствуваше и заменик-шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џеф Голдстајн, премиерот Заев се заблагодари за поддршката која меѓународната организација ја дава во делот на реализирањето на реформите во правосудството, тајните служби, полицијата, медиумската сфера.
Премиерот Заев ја потврди цврстата определба на Владата за заштита на човековите права и посветеноста на реформскиот процес, почитувајќи ги принципите на транспарентност и владеење на правото. Тој, истакна дека стратешките определби на државата за членство во НАТО и ЕУ е единствениот начин за обединување на сите граѓани и за иднината на Република Македонија.
Премиерот Заев го запозна амбасадорот Која, со очекувањата за нацрт-амандманите за измени на Уставот на Република Македонија, согласно Договорот од Преспа, потенцирајќи дека во расправата и изготвувањето на амандманите се вклучи опозицијата, како и широката експертска јавност деновиве, преку организирање на јавни дебати од Владата на Република Македонија.
На средбата беше констатирано дека Собранието и политичките лидери се наоѓаат пред предизвикот на донесување одлука поврзана со натамошните перспективи на земјата и граѓаните.
Затоа, беше акцентирана исклучителната важност на постигнувањето на успех и реализирањето на Договорот со Грција, со што се надминува повеќедеценискиот спор со Грција и по чија имплементација за Република Македонија се отвора патот за членство во НАТО и Европската унија.