На редовната 107-ма седница, Владата ја усвои информацијата за отпочнување на постапката за формирање на Агенција за квалитетот во високото образование. Најдоцна до 20 февруари 2019-та година, од редот на професорите во работен однос на јавните универзитети во Република Македонија, Комисијата за именување на Владата треба да именува по 6 членови во одборот за акредитација и во одборот за евалуација на високото образование. По исто толку членови во двата одбори, до 20-ти овој месец, треба да именува и интеруниверзитетската конференција. Понатаму, Владата ѝ укажува на Интеруниверзитетската конференција да избере по еден член од редот на студентите во Одборот за акредитација и во Одборот за евалуација на високото образование. По еден член во одборите имаат право да именуваат МАНУ и Организацијата на работодавачи на Македонија.
Министрите денеска донесоа одлука за основање на „Јавно претпријатие колекторски систем“. Примарната дејност на јавното претпријатие ќе биде собирање, одведување и прочистување на отпадни води преку канализациони системи со пречистителни станици, односно колекторски системи и нивно испуштање во реципиент, со крајна цел - заштита на Охридското Езеро. Јавното претпријатие исто така, ќе врши и планирање, изградба, реконструкција и рехабилитација на колекторскиот систем. Средствата за основање на „ЈП колекторски систем“ во висина од 5 милиони се обезбедени од сметката на Владата на Република Македонија.
На денешната седница беше прифатена информацијата за потпишување на Меморандумот за соработка помеѓу Владата на Република Македонија, Канцеларијата за услуги на проекти на Обединетите нации (UNOPS) и Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка претставувано од Амбасадата на Кралство Норвешка за Србија, Македонија и Црна Гора, за заедничка реализација на проектот за чистење на дворните површини на ОХИС, во Скопје. Успешната имплементација на Проектот има за цел создавањето на Фонд, како систематски механизам за расчистување на индустрискиот токсичен отпад во поранешната фабрика ОХИС во согласност со Европските стандарди, хармонизација во полето на заштита на животната средина и промоцијата на Град Скопје како безбеден, отпорен и одржлив град.
Владата, на 107-мата седница го усвои и до Собранието на Република Македонија ќе го достави Предлог-законот за практиканство. Законот ќе овозможи целосно да се искористи потенцијалот на практичната работа, како и голем број на млади невработени лица без практично искуство, одреден временски период да реализираат практична работа во реални услови, со што истите ќе станат поконкурентни и полесно потоа ќе се вклучат на пазарот на трудот. Предлог-законот предвидува практикантот за време на практичната работа кај работодавачот да добива месечен надоместок и тоа: од 42% до 74% од минималната нето плата, за практикантска работа до три месеци и во висина на минималната нето плата, за практикантска работа над три месеци.
На денешната владина седница беше усвоена информацијата за Акциски план на Националната стратегија за сајбер безбедност 2018-2022-та година. Целта на овој акциски план е да ги дефинира чекорите за успешна имплементација на првата Национална стратегија за сајбер безбедност на Република Македонија 2018-2022. Оттука, Владата го задолжи министерството за информатичко општество и администрација до крајот на годинава да достави измена и дополна на Одлуката за формирање на Националниот совет за информатичко - компјутерска технологија за проширување на надлежноста, а со цел да ги опфати и надлежностите на Национален совет за сајбер безбедност, како и да донесе Решение за формирање на работна група во која ќе членуваат претставниците од Работната група која ги подготвуваше стратешките документи од областа на сајбер безбедноста.
На предлог, исто така, на Министерството за информатичко општество и администрација, министрите ја прифатија информацијата за единствен веб портал за отворени податоци. На него ќе бидат објавувани каталози на отворени податоци на сите министерства и истите ќе бидат достапни секому. Со ова, Владата на Република Македонија дополнително ја зголемува транспарентноста и отчетноста кон граѓаните.
Со усвојување на Предлог-законите за изменување на законите за банки и за Управата за јавни приходи, се овозможува пристап на УЈП до приливите на граѓаните од страна на банките. Тоа на Управата ќе и овозможи да ги добива потребните податоци за изработка на претпополнетите пријави за данок на личен доход. Со Предлог-законите за изменување на законите за банки и за УЈП, исто така, се гарантира и повисока безбедност на податоците со користење на најнова технологија, односно енкрипција на податоците.