Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство објави јавен повик за доставување на понуди за давање под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до 3 хектари. Се работи за повик наменет за неатрактивно земјиште, поточно од пониска класа и на поголеми надморски височини. Врз земјиштето не смее да има востановено право на закуп или плодоуживање, да биде предмет на тековни јавни огласи или денационализација.
Целта на овој повик е да се стави во функција секоја педа земја, која може да овозможи добро производство. Со воведување на оваа олеснителна процедура им овозможуваме на сите заинтересирани со нивен пројавен интерес да добијат државно земјоделско земјиште и на тој начин директно да се зголеми површината на обработено земјоделско земјиште.
Понудата се доставува за земјоделско земјиште на кое нема подигнато долгогодишни насади и кое во катастарот на недвижности е запишано со катастарска класа 4, 5, 6, 7 и 8. Рокот за аплицирање е 30 дена од денот на објавата во дневните весници, односно од 12.12.2018 година.
Јавниот повик се однесува на земјоделско земјиште во државна сопственост за сите катастарски општини во регионите Берово, Битола, Валандово, Велес, Виница, Гевгелија, Гостивар, Дебар, Делчево, Демир Хисар, Кавадарци, Кичево, Кочани, Крива Паланка, Кратово, Крушево, Куманово, Македонски Брод, Неготино, Охрид, Свети Николе, Струга, Струмица, Прилеп, Пробиштип, Радовиш, Ресен, Тетово, Штип, Карпош, Кисела Вода, Гази Баба и Чаир.
Намената и времетраењето на закупот за кое се издава земјоделското земјиште во државна сопственост е за:
- подигање на долгогодишни насади (лозја, овоштарници, хмељ) и оранжерии за период до 30 години,
- подигање на долгогодишни насади со лешник за период до 70 години,
- подигање на маслинарници за период до 50 години,
- одгледување на други земјоделски култури за период до 15 години,
- ливади за период до 15 години,
- за одгледување на брзо растечки дрвја на земјоделско земјиште кое се наоѓа на надморска висина над 700 метри, за периодот до 30 години,
- рибници до 20 години и
- спортско-рекреативни активности и рурален туризам до 30 години
Откако ќе се приберат сите понуди, комисија формирана од страна на Владата на РМ ги разгледува понудите и донесува одлука за избор на најповолен понудувач, по донесување на одлуката министерот склучува договор со сите избрани понудувачи.
Доколку има двајца понудувачи за иста катастарска парцела, Комисијата врши избор на најповолен понудувач врз основа на критериумите утврдени во член 25-а и член 27 од Законот за земјоделското земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.135/07, 18/11, 148/11, 95/12, 79/13, 87/13, 106/13, 164/13, 39/14, 130/14, 166/14, 72/15 и 98/15) и член 3 од Правилникот за поблиските критериуми за избор на најповолен понудувач на земјоделско земјиште во државна сопственост кое може да се даде во закуп и определување на големината на површината на земјоделското земјиште кое може да се даде во закуп („Службен весник на Република Македонија“ бр.12/08, 26/12, 02/13,158/13, 110/15, 120/15 , 129/15 и 27/16) и тоа:
- оддалеченоста на местото на живеење, односно седиштето на понудувачот во однос на земјоделското земјиште кое се нуди на јавниот повик - 65 бодови;
- понудената годишна закупнина по хектар - 25 бодови и
- правниот статус на понудувачот - 10 бодови.
Јавен повик: http://mzsv.gov.mk/Events.aspx?IdRoot=1&IdLanguage=1&News=277