„Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, одговори без двоумење на сите прашања на ЦИВИЛ МЕДИА поврзани со најактуелните прашања, настани и процеси во македонското општество и политиката.
Во своите одговори Зоран Заев е полн со верба во крајните позитивни исходишта од процесите, убеден дека бројните недостатоци што ги следат ќе бидат надминати. За секое прашање има одговор што содржи изобилство од податоци и детали, но не испушта да ја образложи и перспективата, целта кон која се движат или треба да се движат процесите.
Зоран Заев искрено верува во помирувањето и во концептот „едно општество за сите“. За Иванов вели дека е добро што завршува неговиот мандат како претседател. За законите без негов потпис, Заев посочува дека тоа е акт на заштита на парламентарната демократија која беше загрозена од Иванoв, и дека е согласно уставните рамки.
По исполнувањето на Преспанскиот договор од македонска страна, Премиерот очекува сите министри и градоначалници да работат повеќе и пофокусирано на исполнување на очекувањата на граѓанките и граѓаните. За него е стара вест дека нема да се кандидира за претседател, наспроти шпекулациите во јавноста.
Ова интервју е скица за тоа како ќе изгледаат настаните и процесите македонската политика и општеството во годините пред нас.“
Џабир Дерала
ЦИВИЛ МЕДИА: Три децении траеше спорот во кој Македонија не успеваше ни оддалеку да се приближи кон решение на спорот со Грција. Генерации политичари доаѓаа и заминуваа од политичката сцена и во Македонија и во Грција, но ситуацијата беше или статус-кво или се влошуваше. Вие и грчкиот премиер Ципрас го решивте проблемот за неколку месеци. Некои велат дека, едноставно, изборот на големите сили паднал на вас и дека Вие, всушност, сте имале среќа. Навистина, како успеавте за само неколку месеци да решите толку тежок спор што трае три децении?
ЗОРАН ЗАЕВ: Кога јас велам дека Договорот од Преспа е историски, имам предвид неколку аспекти.
Освен што стави крај на спор стар три децении меѓу нашите две земји, Договорот ја испраќа во минатото блокадата на нашиот повеќе-генерациски пат кон членство во НАТО и ЕУ.
Сметам дека моментот е историски бидејќи тој ја определува границата на нашето транзиционо минато. Од земја која во последните 11-12 години имаше проблеми да докаже дека е демократска земја, општество во кое неодговорното владеење воведе корупција во сите негови сегменти, земја која светот ја нарече заробена држава – во земја која за една година направи скок препознаен од целиот западен свет, реализираше реформи за возобновување на демократијата и за враќање на довербата во институциите, земја која го подготви теренот за економски и инвестициски раст и развој.
Историски е и аспектот што ЕУ и НАТО ја препознаа нашата држава како заедница која многу бргу ги реафиримираше европските вредности, и како земја која најодговорно го препозна своето геостратешко место, а со тоа презеде и улога да биде еден од генераторите на стабилност во регионот.
Ова е точка од која нема враќање назад. Секој обид овие процеси да запрат и да се врати земјата назад, ќе биде неуспешен бидејќи граѓаните нема да дозволат нова неизвесност за својата иднина, граѓаните нема да дозволат нов авторитаризам, при тоа имајќи предвид дека се наоѓаме во регион со кревка безбедност.
Некој може ќе каже дека јас и колегата Ципрас имаме среќна ѕвезда или дека големите сили нѐ избрале нас, но јас сум дециден дека успехот во политиката е можен само ако ги препознавате вистинските моменти, ако стоите на зацртаните вредности на кои сте се определиле од претходно, ако ги препознаете пријателите, ако опструкциите ве јакнат наместо да ве колебаат, и ако имате храброст, трпеливост и верба.
ЦИВИЛ МЕДИА: Дали останувате на проценката дека Законот за ратификација на Договорот од Преспа мораше да стапи во сила без потписот на Претседателот Иванов? Која е вашата аргументација за оваа постапка?
ЗОРАН ЗАЕВ: Тој дел од формално-правната постапка за стапување на Договорот од Преспа во сила е во надлежност на Собранието на РМ, но ние, како Влада, сметаме дека нема ништо спорно во постапката законите да бидат објавени во „Службен весник на РМ“ без потпис на Претседателот Ѓорге Иванов. Постапката е во целосна согласност со Уставот на РМ, во рамките на предвиденото со законите, и уште повеќе, тоа е постапка на одговорност и нужност со која се отстрануваат опструкциите кои Иванов сакаше да ѝ ги нанесе на нашата парламентарна демократија.
Пред Уставот и законите сите се еднакви, вклучувајќи го и Претседателот на државата. Така вели Член 51, став 2 од Уставот на РМ.
Претседателот на државата е должен да го потпише указот за прогласување на законите што ги носи Собранието на Република Македонија, доколку тие по втор пат се донесат со потребното мнозинство во законодавниот дом, односно Собранието. На тоа го повикува Членот 75, став 3 од Уставот на РМ. Должен е, значи мора да постапи задолжително, а не да го крши Уставот и да се поставува над парламентарната демократија врз која е изграден нашиот општествено-политички систем.
И двата закони, Законот за употребата на јазиците во Република Македонија и Законот за ратификација на Договорот од Преспа, беа усвоени по втор пат со потребното мнозинство во Собранието на Република Македонија. Законот за употреба на јазиците во март минатата година, а Законот за ратификација на Договорот од Преспа на 5 јули, исто така минатата година.
Со објавувањето на законите, беше запрена тенденцијата една церемонијална постапка на Претседателот на државата да го блокира функционирањето на системот и тоа со кршење на Уставот со оглед на фактот дека, според заедничкото читање на Член 75 и на Член 52 од Уставот, Претседателот на државата е должен да потпише указ секогаш кога Собранието по втор пат одобрува донесување закон.
Претседателот на државата не е законодавно тело, ниту уставен суд. Тој беше повикан повеќе пати да го почитува Уставот и да постапи согласно законските обврски. Наместо тоа, тој се постави како пречка за работата на законодавниот дом, и се постави како институција која се заканува да ги блокира сите процеси.
За жал, Претседателот Иванов не само што не го гледа тоа, или не сака да го прифати, туку со својот настап и речник поттикнува нови делби, поттикнува конфликт во македонското општество. Добро е што завршува неговиот мандат, бидејќи на Македонија ѝ треба претседател кој ќе го поддржи патот на државата кон просперитет.
ЦИВИЛ МЕДИА: Можете ли да издвоите некој момент од разговорите со премиерот Ципрас што Вам посебно Ви остана во сеќавање?
ЗОРАН ЗАЕВ: Нашата прва средба во Давос пред точно една година, ако смеам да продолжам во духот на одговорот на првото прашање, беше резултат на внимателни постапки и потези што претходеа и кои ги создаваа или трасираа министерот Димитров и останатите од нашиот тим, и тогашниот министер за надворешни работи на Грција Коѕијас и нивниот тим соработници од најтесниот круг.
Тоа што велам дека претходеше на нашата средба во Давос, беа силната волја да се стави крај на спорот и големата свест за деликатноста и емотивноста на прашањето и за едните и за другите. Секоја средба и секој чекор, збор или постапка исполнети со внимателност и респект кон другите. Сето тоа исполнето со убеденост и на двете страни дека не смееме да изгубиме ниту секунда, ниту една прилика, а да не ја исполниме со постапка која ќе ја гради довербата, пријателството и препознавањето кај другиот дека сме подготвени да го решиме и затвориме ова прашање.
Во таа смисла, нема некој посебен момент како некое откровение. Она што го откривме еден кај друг беше вербата дека нашето ново пријателство ќе донесе историски договор и ново генерациско пријателство и доверба меѓу нашите народи, макар тоа било по цена на нашите политички иднини.
Кога имате таков соговорник на другата страна, такви посветени тимови какви што беа нашите, знаевме дека доаѓа моментот кога ќе испорачаме резултат, договор за историја, за паметење.
ЦИВИЛ МЕДИА: Ја оставивме турбулентната 2018 година. Освен големиот, историски подвиг со надминувањето на деценискиот спор со Грција, што многумина оправдано сметаат дека е Ваша лична заслуга, со што можете да ја пофалите владината екипа што ја предводите?
ЗОРАН ЗАЕВ: Кога станува збор за целиот процес на разговорите со Грција сакам да издвојам една определба што си ја зададовме сите – дека нема нерешливо прашање, нема нерешлива ситуација, нема да запреме пред ништо што се прикажува како нерешливо. И ме радува што ова станува особина на сѐ повеќе тимови во владата. Задоволен сум што обезбедивме многу канали со кои ги враќаме парите кај граѓаните, од тоа дека сметките за струја сега се пониски во просек за 500-1.000 денари по семејство, го враќаме персоналниот данок на земјоделците и ја одблокиравме исплатата на субвенциите, па сѐ до тоа дека успеавме да ги подготвиме законските решенија со кои казните се намалуваат до 70%, се укинуваат извршителските такси, а во исто време расте социјалната помош.
Во 2018 просечната плата постојано растеше, со пораст од 6.5% во октомври 2018, во споредба со октомври 2017. Задоволен сум и од транспарентноста и отчетноста на владините функционери – преку отвореноста и достапноста, расте одговорноста и домаќинското работење. Во 2018 ги решивме спорните наследени моменти на капиталните проекти и започна подемот на создавање инфраструктура со која се подобрува животот на граѓаните – започна масовна изградба на патишта, железница, водоводи, ги реновираме здравствените капацитети низ државата и се подготвуваме годинава за почеток на градба на Клиничкиот центар во Скопје, автопатот Скопје – Блаце и хидроелектраните Чебрен и Галиште.
ЦИВИЛ МЕДИА: Долго време се чека на решавање на суштински прашања од доменот на внатрешната политика, почнувајќи од реформите во правосудството и администрацијата, завршувајќи со Вашиот концепт „Едно општество за сите“. Не видовме сериозни зафати во сите критични области во државата, институциите, општеството и медиумите, преку кои кликата на Груевски ја одржуваше својата корумпирана и насилничка власт нешто подолго од една деценија. Дали откако македонскиот дел од Преспанскиот договор се исполни можеме да очекуваме да се преземат порешителни чекори во насока на враќање на владеењето на правото и почитувањето на човековите права и слободи? Кои се Вашите први следни чекори?
ЗОРАН ЗАЕВ: После големата одлука во нашиот Парламент, ги разбивме сите дилеми и си потврдивме дека заедно ја движиме нашата земја во иднината што сите ја посакуваме: Македонска држава како дел од европското семејство и како членка на НАТО, кои нѐ прифатија како Mакедонци, со свој силен идентитет и гордост, земја во чиј идентитет се вградени и идентитетите и на сите нејзини граѓани, Албанци,Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци, и сите други кои што живеат во нашата Македонија.
Oва е шанса и за градење на иднината, за градење на новото лице на нашата држава. Таа шансата е сега во нашите раце. Наша должност е, да го искористиме овој момент, да го исполниме она што го ветивме и она за што се боревме: подобар живот за сите граѓани на Македонија, подобри можности за нашите деца и земја со фер општество, поголем просперитет, растечка економија и подобри плати. Подобар здравствен систем, социјална правда и правен систем во кој ќе имаме доверба. Сега е време за таа промена.
Во моето обраќање после усвојувањето на уставните измени реков дека позитивните промени и подобрувања сега треба да ги редиме секој ден, и дека тоа го очекувам од сите наши министри и од сите наши градоначалници. Очекувам секој од нас да работи понапорно, поефикасно и пофокусирано. Знам дека граѓаните нема да прифатат било какви одолговлекувања, а нема ни јас.
Промените никогаш не се случуваат преку ноќ, но за да се случат потребна е работа и силен личен ангажман, секој ден, од секој од нас.
На оваа Влада, и на мене како нејзин претседател, ни останува да ја завршиме реформската битка за прогрес на земјата и за подобра иднина за секој нејзин граѓанин. Задачите се јасни и зададени, продолжуваме со реализација на реформите преку спроведување на измените на законите од правосудството, реформата и професионализацијата на безбедносните служби, деполитизацијата на јавната администрација и антикорупциската политика.
ЦИВИЛ МЕДИА: Бегството на Груевски, амнестијата, измените во Кривичниот законик и пуштањето од притвор на осомничените во случаите на СЈО предизвика остри реакции кај голем дел од јавноста што ја поддржуваше ненасилната револуција против режимот. Притоа, Вашата подадена рака се чини дека не ја намали жестоката реторика што доаѓа од националистичките структури во опозицијата. Што беше поскапоцено од правдата што толку долго време ја очекувавме? Дали амнестијата и другите знаци на попустливост ќе придонесат кон успешен процес на помирување во поширок контекст?
ЗОРАН ЗАЕВ: Јас досега неколку пати јавно реков: Исправен сум пред одлуки кои можат да ѝ нанесат сериозни штети на личната политичка кариера. Да се води Влада на Република Македонија во овие сензитивни моменти значи да се презема одговорност да се остварат најважните стратешки приоритети на земјата.
Ако целта ми беше да владеам, ќе се занимавав само со ултра популарни чекори. Но, јас не го правам ова за да владеам, туку за да завладеат перспективите во Македонија – за да живеат подобро вашите, нашите деца.
Политичките процеси, во меѓувреме ги искомплицираа токму политичките лидери на кои единствена важна цел им беше уште еден мандат и пари за партијата и за нивните истомисленици.
Политиката која јас ја застапувам и ја спроведувам бара големи жртви и компромиси. Ама, јас научив дека компромисот го прифаќаш ако гледаш дека веднаш после него си чекор поблиску до целта.
Затоа, токму јас ја отворив дебатата за неопходното помирување и за простување, кое што ни е потребно во државата, за да ги движиме процесите напред. Тоа не е нешто ново и сега, наменски, смислено. Се сеќавате дека наши беа пораките “нема реваншизми, нема бркање од работа на неистомислениците”? Помирувањето е дел од истиот концепт, дел од идејата да се разговара и да се прифатат различните.
Законот за амнестија која е строго контролирана и ограничена, има за конечна цел да придонесе кон помирување помеѓу народните избраници од различни партиски определби во Собранието на Република Македонија, со тенденција тоа да продолжи по вертикала и кај навивачките групи и во општините и кај подмладоците во партиите и насекаде. Самиот Закон, прави јасна дистинкција, разграничување, што значи учество во насилството, за улогата на маскираните луѓе во насилствата и настаните, што значи организацијата или осмислувањето на настанот. Истовремено ќе ја испрати пораката дека казнувањето мора да постои.
Овој процес истовремено овозможи и амбиент на доверба меѓу пратениците во Собранието, амбиент во кој ја обезбедивме и двотретинската поддршка за измените на Уставот согласно Договорот од Преспа.
И тука сакам да сум јасен, бегството на Груевски никако не припаѓа во процесот на помирување и градење доверба меѓу различните политички структури во општеството. Напротив, бегството на Груевски е чин на неодговорност и предавство кон сопствената држава и сопствениот народ. Исто така, воведувањето домашни притвори за дел од обвинетите од случаите на СЈО се одлуки на судските власти каде немаме намера и никако не смееме како извршна власт воопшто да се мешаме – доста беа нарачки на судски одлуки и тефтери, видовме до каде нѐ доведе тоа.
ЦИВИЛ МЕДИА: Борбата против корупцијата изгледа како да не е приоритет. Речиси една година сме без ДКСК, иако тоа е важна институција и за изборните процеси, а законските измени се прават, повторно, преку компромиси со ДУИ. Најмал пример за тоа е препораката од Европската Комисија ДКСК да има пет, а под притисок на ДУИ, сепак, остана старото законско решение за седум членови. Дали тоа значи дека кадровските решенија останува да биде партиски, а не професионални и натпартиски?
ЗОРАН ЗАЕВ: Бескомпромисна борба против корупцијата ќе постигнеме само со независно, транспарентно и отчетно судство и обвинителство, со непартизирана антикорупциска комисија. Сите реформи на актуелната Влада се во насока на создавање силни и независни институции и механизми за борба против корупцијата.
Во таа насока беше креиран и изработен новиот Закон за спречување на корупција и судир на интереси, за кој инсистиравме да биде усвоен со европско знаме и во скратена постапка, за да нема веќе одлагања и опструкции од страна на опозицијата. Тоа не ја исклучи можноста за вклучување на опозицијата во амандманската расправа. Дури 20 амандмани на опозицијата се вградени во последната, усвоена верзија на законот. Со усвоениот закон ќе се создаде силно, незвисно регулаторно тело кое во соработка со граѓаните, граѓанските организации и со институциите ќе застане на патот на секого кој намислил да стекнува лична корист на грбот на граѓаните.
За време на подготовките и јавната расправа за законот, експертите укажаа на потребата ДКСК да биде зајакната за да ги остварува своите надлежности за борба против корупцијата без политички влијанија.
Аргументите со кои беа поткрепени овие укажувања, се преточија во законски решенија кои се однесуваат на условите и начинот за избор, именување и разрешување на претседателот и членовите во состав на ДКСК, развојот на анти-корупциската програма и пријавувањето и проверката на имотната состојба и интересите на избраните и именуваните лица.
Според новопредложените законски решенија, еден од условите за избор на претседател односно член на ДКСК е: лицето во последните десет години да не било пратеник, член на Владата на Република Македонија, да не било донатор на политичка партија, или да не вршело функција во органи на политичка партија.
Се предвидува транспарентна постапка за избор на кандидати за претседател и членови на ДКСК, во која се вклучуваат, како учесници во интервјуто, претставници на Народниот правобранител на Република Македонија, Македонската академија на науките и уметностите, Интеруниверзитетската конференција, здруженија на новинари, други здруженија и фондации.
Понатаму, се предлага зајакнување на надлежностите на ДКСК, особено со воведување на надлежноста за следење на законитоста на финансирањето на политичките партии и изборните кампањи. Овозможивме финансирање на политичките партии од Буџетот, редно е партиите да бидат отчетни и чесни за трошењето на парите на граѓаните.
Заради поголема ефективност на механизмите за проверка, се предвидува ДКСК да има пристап до бази на податоци на 17 институции и се прецизираат должностите и роковите за одговор по барањата од ДКСК за потребни информации и податоци со кои располагаат физички и правни лица, органи и институции, други правни лица, вклучително банки и финансиски институции, за нејзиното надлежно постапување.
Борбата против корупцијата не познава поделби на наши или ваши, туку на чесни и нечесни, на оние кои ќе работат во интерес на граѓаните и владеењето на правото, и оние кои тоа не се.
ЦИВИЛ МЕДИА: Сѐ погласно се говори за предвремени парламентарни избори истовремено со претседателските. Пред да дојдете на власт говоревте за една изборна единица и други промени во изборниот систем во земјата, со што ќе се овозможи повисока партиципативност и почитување на гласачкото право, во насока на слободни, фер и демократски избори. Изборниот систем во овој момент има сериозни предизвици. Системот не успеа да ги реши проблемите поврзани со Избирачкиот список, неусогласеноста на бројот на гласачи во две од шесте изборни единици, деполитизација и професионализација на изборната администрација, гласањето на дијаспората, дупките во Изборниот законик, непотполното функционирање на Државната комисија за спречување на корупцијата речиси цела една година, незавршените реформи во судството (па така и во Управниот суд, значи жалбените постапки), проблемите поврзани со комисијата за антидискриминација… Дали сметате дека е погодно време за предвремени парламентарни избори? И, воопшто, што ќе направи Вашата Влада за да се надминат проблемите, а воедно да се создадат услови за исполнување на предизборните ветувања за подобрување на изборниот систем?
ЗОРАН ЗАЕВ: Мојот став го знаете: Македонија треба да го искористи овој момент. Пред сè, заради нејзината економија, реформите, да го средиме нашиот систем за да бидеме нормална земја. На Македонија ѝ треба отворената врата што сега е пред неа. Ни треба чистиот старт што е пред нас во однос на економскиот подем.
Сите земји што станале членки на НАТО или отвориле поглавја со ЕУ, имале сериозен прогрес.
За СДСМ и владејачките партии е посакувано да има избори. Ги знаеме анкетите, знаеме како стојат работите, ако истрчаме ќе добиеме 4 години пред нас. Тоа за секој политичар и политичка гарнитура е убаво. Дел од партиските колеги велат дека треба да одиме на предвремени парламентарни, заедно со претседателските, и така Македонија да добие чист терен, три години за реформи и економија до првите следни избори во 2021 година.
Од друга страна, стојат аргументите дека парламентарни и претседателски избори заедно значат поголем застој отколку само претседателски избори. Поради овие дилеми, во партијата сериозно ги анализираме состојбите и можам да гарантирам дека ќе донесеме одлука со која ќе обезбедиме најдобри услови за економијата, реформите и за решавањето на проблемите кои ги спомнавте во прашањето, да имаат чист терен.
Од друга страна, кога станува збор за институционалната поддршка за кредибилни избори, убеден сум дека сега, кога е донесен Законот за спречување и борба против корупцијата и судирот на интереси, ќе биде избрана силна Антикорупциска комисија што ќе придонесе и кон веродостоен изборен процес, особено во делот на финансирањето на политичките партии.
ЦИВИЛ МЕДИА: Дали можете да ни откриете имиња меѓу кои ќе се избере претседателскиот кандидат на СДСМ? Кој е Вашиот личен фаворит за претседателски кандидат?
ЗОРАН ЗАЕВ: СДСМ на своите највисоки органи и тела ќе го дискутира и затвори ова прашање после што јавноста веднаш ќе биде запознаена со нашата одлука. Moжам да ветам дека ќе овозможиме избор на личност за Претседател на државата со идентични стратешки интереси на мнозинството на граѓаните на нашата земја. Претседателка или претседател што, со високо чувство на одговорност, динамично и посветено ќе нуди решенија и ќе работи на интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ. Претседател-ка што e противник на поделбите и омразата и што ќе ја промовира Македонија како праведна земја, дел од глобалниот свет.
ЦИВИЛ МЕДИА: ДУИ и Али Ахмети се долгогодишни послушни партнери на режимот на Груевски. Иако нивната моќ се преполови откако голем број албански гласачи довербата ја дадоа на СДСМ, а во помал дел и на другите политички партии на Албанците, Вие им дадовте огромен простор, време и ресурси за опоравување од изборниот неуспех. Дали се толку добри и скапоцени партнери во власта и толку безгрешни што ниедна јавна осуда, а ниту, пак, судска постапка не е испратена на адреса на ДУИ? Можеше ли да биде поинаку?
ЗОРАН ЗАЕВ: Мислам дека правосудството денес е ослободено од какви било влијанија од извршната власт и во таа смисла, судските процеси не зависат од тоа дали некој е член на некоја партија или не, туку од тоа дали се огрешил пред законот.
Исто така, мојот повик кон министрите и директорите, кој го упатив веднаш после уставните измени, но и во ова интервју, јасно ги искажува моите и очекувањата на граѓаните кон секој именуван функционер, без разлика дали доаѓа од ДУИ, од СДСМ или од друг политички субјект. Сега кога државата е вратена под граѓанска контрола, кога критиката е јасна, гласна и се почитува, работењето на владините функционери мора да се подобрува постојано, секој ден, и околу тоа компромиси нема.
Политички гледано, оваа владина коалиција ја пресликува искажаната доверба на граѓаните за политичките субјекти на изборите во 2016 година. ДУИ е партијата која кај албанското гласачко тело освои најмногу гласови, а со тоа и најмногу пратеници. Оттука, нивната застапеност во извршната власт е соодветна, при што не смее да се заворави дека и СДСМ освои голем број албански гласови, што може да се види и во составот на пратеничката група во Собранието.
Знам дека сум препознаен како креатор и носител на концептот „Едно општество за сите“ и поради тоа носам огромна одговорност за негово успешно спроведување, за што неопходна е поддршка од сите политички и граѓански субјекти. Добро е што овој концепт го поддржуваат и застапуваат сите политички партии од владината коалиција, тоа гарантира негово успешно спроведување.
Од менаџерски аспект, јас на луѓето во владата не гледам како на луѓе од СДСМ, ДУИ или како луѓе кои дојдоа од експертската сфера, од граѓанскиот сектор или од било која друга партија. Гледам на нив како на луѓе кои треба да испорачаат резултати.
Дополнителен критериум за мене, е колку нивната работа влијае да се забележи разлика од политиките на претходната власт, дали работата на институцијата е променета на подобро. Носителите на јавни функции мора да испорачаат резултати со кои се подобрува животот на граѓаните, и да ги реализираат програмите на институциите што ги претставуваат. Тие програми не се лична сопственост на директорот или министерот. Тоа се програми на институцијата и на Владата на РМ.
ЦИВИЛ МЕДИА: Руското влијание е глобален политички феномен, а во земјава е забележливо преку опструкциите на авроатлантските процеси, најсилно изразени во текот на Референдумот, но и преку влијанија во доменот на меѓуетничките односи и во реформските процеси. Можете ли да ни откриете како Владата ќе се справи со последиците од руското влијание во земјава?
ЗОРАН ЗАЕВ: За нас не постои друга алтернатива освен членството во ЕУ и НАТО. Оттаму, сосема е природна и очекувана поддршката од нашите стратешки партнери, земјите членки на НАТО и ЕУ.
Реформските процеси во Република Македонија и промените што ги интензивираат нашите евро-атлантски интеграции, се целосно внатрешно прашање на Република Македонија и на нејзините стратешки национални интереси.
Измените на Уставот согласно Договорот од Преспа, усвоени во Собранието со целосно почитување на предвидената собраниска процедура и Уставот на Република Македонија, ја рефлектираат консензуалната определба на граѓаните на Република Македонија за членство во НАТО и во Европската Унија.
Овие процеси добија цврста поддршка од пошироката меѓународна заедница, како чин на политичка храброст, одговорност и лидерство, со кој се решава долгогодишен билатерален проблем кој ги оптоваруваше односите меѓу Република Македонија и Грција.
Договорот од Преспа не само што не задира во интересите на трети страни, туку суштински придонесува кон регионалната стабилност, пријателство и соработка, и како таков претставува пример и модел за решавање на отворени прашања меѓу државите.
На официјално политичко рамниште, за нас прашањето на нашата евро-атлантска определба е затворено прашање.
Исто како што е јасно дека остануваме посветени на негувањето добри односи на пријателство и соработка со Руската Федерација.
Во тоа име, сакам уште еднаш да кажам, Република Македонија има стратешки цели. Тоа е, полноправно членство во НАТО и во Европската унија. Ние бараме членство, заради тоа што ги споделуваме вредностите на НАТО. Тие вредности ги поддржуваат повеќе од 80 проценти од граѓаните на нашата земја.
Остануваме, на нашата длабока желба, да ја унапредуваме соработката и односите со Руската Федерација, а од тоа и двете земји може да имаат само бенефит.