Денешната редовна, 116 седница, на Владата на Република Македонија ја започна со презентација на приоритетите на Романија за време на претседателството со Советот на Европската Унија.
На седницата, на која присуствуваше и амбасадорот на ЕУ во нашата земја Самуел Жбогар, столбовите, што како приоритети си ги постави Владата на Романија за време на нејзиното претседавање со Советот на ЕУ, ги презентираше Виорел Станила, амбасадор на оваа земја во Република Македонија, кој нагласи дека тие столбови произлегуваат од динамичната сила на ЕУ што ѝ ја даваат нејзините вредности.
Претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев на почетокот на седницата упати честитки до амбасадорот Станила за романското преземање на Претседавањето со Советот на ЕУ, и истакна дека Романија го презема претседавањето со Советот на ЕУ во исклучително значаен период, особено имајќи го предвид фактот што за време на претседавањето ќе се одржат Европските избори кои ќе ја постават иднината на ЕУ, но и ќе ја трасираат идната патека на политиката за проширување.
„Изразуваме искрена благодарност што во приоритетите на Романското претседателство се предвидува и забрзување на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ. Политиката на проширување на ЕУ, и покрај сите предизвици на глобален план, останува најефикасниот инструмент за гарантирање на мирот, стабилноста и просперитетот во Западен Балкан. Затоа го цениме фактот што Романија ја препознава важноста на политиката на проширување и се обидува да го доближи Западниот Балкан уште поблиску до ЕУ“, рече во своето обраќање премиерот Заев.
Претседателот на Владата на РМ Заев во своето обраќање потенцираше дека нашата земја со внимание ги следи подготовките за Самитот на ЕУ во Сибиу (9 мај 2019 година) кој ќе се однесува на иднината на ЕУ, и од кој нашите граѓани очекуваат силна порака до земјите од Западен Балкан дека на нашиот регион се гледа како на дел од ЕУ во идната Европа.
Од презентацијата на амбасадорот Станила, приоритетите што денеска беа претставени ги опфаќаат „Европа на патот кон раст, кохезија, конкурентност и поврзаност“, потоа „Безбедна Европа“, „Европа како посилен глобален играч“, и „Европа на заеднички вредности“. Политиките на Европската Унија на интегрирање на Западен Балкан во нејзините структури остануваат приоритет на Владата на Романија во наредните шест месеци во столбот „Европа како посилен глобален играч“.
Амбасадорот Станила во својата презентација нагласи дека политиките на проширување со земјите членки на Западен Балкан остануваат стратешки интерес на ЕУ, поради што фокусот на европската поддршка на регионот ќе се задржи на зајакнување на демократските процеси и на помирувањето.
Амбасадорот на ЕУ во нашата земја Самуел Жбогар, земајќи збор на оваа седница на Владата на РМ, потенцираше дека овој владин состав направи Република Македонија да го дочека романското претседавање со Советот на ЕУ со историското достигнување со Договорот од Преспа и со решението на спорот со Грција, и на тој начин ја доближи, како никогаш досега, земјата до портите на ЕУ. Амбасадорот Жбогар додаде дека успехот на Република Македонија е силна порака за регионот, но и за Европа, дека нема нерешливи прашања со храбри и посветени лидери.
На седницата, на која првата точка беше посветена на приоритетите на Романија за време на претседавањето со Советот на ЕУ, се обратија и заменик претседателот на Владата на РМ Бујар Османи, и министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Заменик претседателот на Владата на РМ Османи, меѓу другото, се задржа на мотото на романското претседавање, „Кохезијата, заедничка европска вредност“, и истакна дека тоа во целост ги одразува и нашите аспирации кон градење на современо демократско општество, низ кохезија и почитување на европските вредности како универзални вредности кои пред се и над се го ставаат човекот и неговата добросостојба, и додаде дека за фактор околу кој се обединети сите чинители во земјата и за која нема алтернатива.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров во своето обраќање нагласи дека тајмингот за Република Македонија во претстојниот период најавува успешна година, година во која ќе треба да се жнеат плодовите што доаѓаат како резултат на активностите во минатата година кога како земја со длабока политичка криза, донесовме одлука да се соочиме храбро и одлучно да решаваме децениски проблеми, да ги решиме сами, и да бидеме модел за другите. Министерот Димитров потсети дека Европскиот совет ни го отвори патот, но дека наша задача сега е да ги завршиме реформите и да создадеме атмосфера за да биде невозможно во јули оваа година Република Македонија да не биде прифатена како земја која ги отпочнува преговорите со ЕУ.
Во продолжение, Владата продолжи со работата според дневниот ред утврден за својата редовна, 116-та седница.