Доделeни уверенија на четвртата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители

Академијата за судии и јавни обвинители денеска додели уверенија на четвртата генерација  завршени кандидати за судии и јавни обвинители и притоа потпиша билатерален договор за тригодишна соработка на полето на правосудството со Амбасадата на Франција во Македонија.

Соработката со Академијата за судии и јавни обвинители, како што изјави францускиот амбасадор Жан Клод Шлумберже, ќе продолжи и понатаму, а доказ за тоа е и денешното потпишување на Билатералниот договор.

- Ќе се фокусираме на обуката за управни спорови, затоа што таа претставува основна алатка за постоењето на една демократска институција, рече Шлумберже.

Тој најави дека обуката ќе се ориентира и на заштита на човековите права и борбата против дискриминација, за што ќе се организираат обуки за судиите и јавните обвинители во рамките на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

- Ќе се обидеме за слушателите на обуката во рамките на Академијата, како и за самите обучувачи на курсеви да организираме изучување на францускиот јазик со посебен осврт на правната терминологија, што ќе им помогне при стажирањето во француските реномирани правни институции, додаде Шлумберже.

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска рече дека минатата година биле спроведени 15 базични обуки за новиот Закон за кривична постапка. - Оваа година продолжуваме со 18 обуки за целосно оспособување на судиите, јавните обвинители, адвокатите, како за одреден број претставници од МВР за примена на новиот Закон за кривична постапка, додаде таа.

Со воведувањето на почетната обука за кандидатите, како што посочи министерот за правда Блерим Беџети, се зголемуваат професионалните капацитети на судиите и јавните обвинители.

- Еден од врвните приоритети на Владата на Република Македонија и на Министерството за правда е натамошно јакнење на независноста на судството. Во таа насока во јули 2010 година беше донесен Законот за Академијата на судии и јавни обвинители, рече Беџети.

Во контекст на тоа додаде дека најзначајни цели на Законот се спроведувањето на обука за судиите и јавните обвинители, како и реалзиацијата на програмите за нивна континуирана едукација.

- Идните активности во оваа област ќе ги фокусираме кон обезбедување странски експерти од повеќе области во рамките на правосудството и нивно вклучување во процесот на едукацијата на домашните судии и јавни обвинители, истакна Беџети.

Одговарајќи на новинарско прашање Беџети рече дека од следната година изборот на судии и јавни обвинители ќе се врши од редот на кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители.

Претседателката на Судскиот совет на Република Македонија Александра Зафировска потсети дека обврска на Судскиот совет е да изврши избор на судии од редот на кандидатите од Академијата за судии и јавни обвинители. -  Со секое распишување на оглас за слободни судиски места имаме можност нив да ги пополниме со кандидати на Академијата, што значи дека се обезбедени финансиски средства за тоа, истакна Зафировска.