Министерот Ристовски го посети пунктот за бездомници на Црвен крст на Град Скопје

Министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски го посети пунктот за бездомници на Црвен крст на Град Скопје во Момин Поток и притоа на бездомниците што ги користат услугите на пунктот им подели подароци во облека.

 - Од аспект на грижа, морам да кажам дека лично сум презадоволен од тоа во каква кондиција го одржува Црвениот крст овој пункт. Првичната грижа е овде, првичната грижа е она што им е неопходно на бездомните лица, а останатиот дел од активностите продолжуваат во насока на ресоцијализација и дополнителните потреби на бездомните лица во Република Македонија, рече министерот Ристовски.

Овој пункт за бездомници е отворен пред две години и го посетуваат 80-тина лица кои добиваат храна, топла облека и медицинска помош. Од Црвениот крст велат дека неговото функционирање е во договор со неговите корисници.

- Овој пункт може да работи и 24 часа, согласно со потребите на лицата. Ако имаме лица коишто се сместени тука, пунктот работи цел ден. Тогаш, системот на функционирање се сведува на мобилни тимови, со волонтерите, коишто во текот на месецот имаат свое дежурство. Пунктот се отвора во рок од два часа од моментот кога ќе произлезе потреба. Се набавува храна, се стоплуваат просториите, рече Сузана Тунева Пауновска од Црвениот крст.

Пунктот за бездомници во Момин Поток од денеска до недела ќе работи 24 часа поради ниските температури.

Бездомните лица кои самите бараат трајно сместување, се сместуваат во домот за бездомници во Чичино село. Во моментов таму со решение на Центарот за социјална работа се сместени 110 лица.