Ставрески: Проектот „Купи куќа, купи стан“ е поддршка за граѓаните кога им е најтешко

Во првите денови од реализацијата на проектот „Купи куќа, купи стан“ регистриран е голем интерес, а со тек на време бројот на заинтересирани ќе се зголемува.

Тоа го оцени вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески кој придружуван од градоначалникот Владимир Талески денеска на Широк сокак во Битола присуствуваше на официјалното отворање на караванот  „Купи куќа, купи стан“.

- Нашите очекувања се дека како овој проект ќе се развива, така уште повеќе граѓани ќе се интересираат да подигнат апликации и да поднесат барање за субвенциониран станбен кредит. Банкарите тврдат дека ним и на граѓаните им одговара овој проект и дека е токму тоа што граѓаните го бараа за да добијат поддршка од државата кога им е најтешко, со што почнуваме да го решаваме најтешкото прашање во Република Македонија, а тоа стекнувањето сопствен дом, посочи Ставрески.

Со проектот на Владата на Република Македонија „Купи куќа, купи стан“ граѓаните ќе може да аплицираат за субвенционирани станбени кредити до 1 март оваа година.

Битолчани, истакна Ставрески, треба да бидат запознати со можностите што ги нуди проектот „Купи куќа, купи стан“. - Од разговорите што ги имав со претставниците на деловните банки во Битола очигледно е дека има голем интерес како и во другите градови во Македонија. Луѓето се интересираат за куќи, за станови и за доградби за што всушност се предвидени средствата за користење од овој проект, истакна вицепремиерот Ставрески.

Тој на средбата со битолскиот градоначалник искажа задоволство од понудените локации за изградба на станови, но и за изградба на куќи во Битола.

- На ниво на Република Македонија обезбедивме средства од буџетот за изградба на околу 2.000 до 2.500 станови или куќи, односно станбени кредити, а колку и во кој град ќе бидат искористени ќе зависи од одобрените барања на деловните банки, но очекувам благодарение на понудата од општина Битола, добар дел од тие барања да бидат реализирани во овој град, подвлече Ставрески.

Општина Битола е подготвена за инвестиции и изградба на станови и куќи во поранешната касарна „Стив Наумов“. Досега се продадени 19 парцели за индивидуално домување, а наскоро за продажба ќе бидат понудени и нови парцели. Градоначалникот Талески потврди и дека во касарната се продадени и девет парцели за високоградба со околу 300 станови, а наскоро ќе биде објавена продажба на уште осум парцели со идентичен капацитет со што ќе продолжи поддршката на владиниот проект „Купи куќа, купи стан“.