Македонија ги спроведува обврските за справување со климатските промени

Треба да држиме контрола, да делуваме за да ги намалиме емисиите на стакленички гасови и да бидеме активни за намалување на штетното влијанието на климатските промени, порача Лоренс Граф од Директоратот за клима во Европската комисија на денешниот семинар „Можности, полза и предизвици од европската политика и законодавство за клима“.

Граф нагласи дека климатските промени имаат влијание насекаде, а како пример посочи дека лани во Европа беше регистрирана најтоплата година во последните 100 години.

Климатските промени, нагласи, претставуваат итен предизвик и треба да се делува брзо за да се спречат последиците што би се појавиле подоцна.

- Сите се сложуваме дека меѓународно треба да се бориме за климатските промени треба да делуваме сега и тоа треба да го направиме многу брзо, рече Граф.

Намалувањето на емисите на гасови, додаде, е важно не само за климата туку и на полето на економијата затоа што доведува до големи заштеди на енергија. Тоа е дел од она што во Европа се нарекува зелен пораст, со што треба да се зголеми конкурентноста и да отвори зелени работни места.

Министерот за животна средина и просторно планирање Абдулаќим Адеми информира дека ресорното Министерство дејствува во повеќе области во климатските промени, поставува неопходна законска рамка за изработка на одговори на државата како обврска од нејзиното членство во рамковната конвенција на ОН и Протоколот од Кјото. Негува билатерална, регионална и мултиратерална соработка на полето на климатските промени, како и соработка со институциите на ЕУ и дејствува во функција на национален орган за спроведување на проекти со кои се намалуваат емисиите на стакленички гасови во атмосферата.

- Особен предизвик за Република Македонија е постапувањето по обврските кои земјата ги има во рамки на нејзиниот статус во рамковната конвенција на ОН за климатски промени и статусот на земја кандидат за полноправно членство во ЕУ. Ова бара постепено изградување на капацитетите за идно вклучување во механизмот за мониторирање, репортирање и верификување на емисиите на стакленички гасови, кое ќе бара воведување на технички, административни и институционални мерки за собирање и управување со податоците и управувањето, подвлече Адеми.

Ресорниот министер нагласи дека е потребно да се изготви и стратешка и законска рамка со кои ќе се постават одговорностите на засегнатите страни во спроведувањето на целите на политиката и законодавството за клима на Европската унија.

Семинарот, кој ќе трае два дена е организиран во рамки на Регионалната мрежа за животна средина за пристапување кон ЕУ (РЕНА) која има за цел да им помага на земјите кандидати и потенцијалните кандидати за членство да се усогласат со европските политики и легислативата за клима и животна средина.