Средба на министерот Ристовски со претставници на пензионерите

 

Зголемување на пензиите, продолжување на проектите за подобрување на условите за живот на пензионерите, можности за отпочнување на изградба на пензионерски домови, биле некои од темите на кои разговарале на денешната средба претставници на Сојузот на здруженијата на пензионери и министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

По средбата министерот најави зголемување на пензиите кон крајот на годинава, а потоа, како што рече, прогресивно зголемување во наредните години.

- На крајот на 2012 односно почетокот на 2013 година пензиите ќе бидат покачени за пет проценти, а дефинирано е дека во наредните години ќе има прогресивно зголемување на пензиите. Така по првичното зголемување за пет проценти, ќе има зголемување од седум проценти, а во 2015 година ќе има зголемување за 10 проценти, потенцираше министерот Ристовски.

На тој начин, додаде, очекуваме да се подобри финансиската и економската моќ на пензионерите следејќи ги секојдневните потреби кои што ги имаат.

Според министерот, од 2006 до крајот на 2010 година пензиите биле зголемени за над 42 проценти најниската пензија и над 33,5 проценти просечната пензија во Македонија.

Тој ги оцени како шпекулации информациите дека ќе се зголеми старосната граница за исполнување на условите за пензија.

- Старосната граница за пензионирање нема да биде зголемена, таа останува иста, 64 години за мажи и 62 за жени. Апелирам до сите субјекти да не ги злоупотребуваат граѓаните и да не создаваат конфузија за да остварат лични поени, рече Ристовски.

Министерот за труд и социјална политика нагласи дека во наредниот период ќе продолжат да се реализираат проектите за бањско климатска рекреација, за бесплатен превоз на пензионерите, а најави и отпочнување на отворање нови домови за пензионери.

Според податоците со кои располага, досега за бањско климатска рекреација аплицирале 13.500 пензионери што, како што рече, е трипати поголема бројка апликанти за истиот период од минатите години.

Претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери Драги Аргировски по средбата изјави оти имаат одлична соработка со Министерството за труд и социјална политика.

- Имаме усогласеност по повеќе прашања во врска со потребите на пензионерите, рече Аргировски, додавајќи дека на средбата постигнале согласност оти се потребни нови активности за зголемување на бројот на домови за пензионери.