Презентирани законските измени за дополнителната дејност на здравствените работници

Дополнителната дејност на здравствените работници кои вршат специјалистичко консултативна и болничка здравствена дејност е предвидена и регулирана со новите измени на Законот за здравствена заштита. Специјалистите кои имаат повеќе од две години работно искуство како специјалисти можат да вршат дополнителна дејност наместо досегашното решение од најмалку седум години работно искуство.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека дополнителна дејност ќе можат да вршат само оние здравствени работници кои по ниту еден основ не биле казнети, како и оние кои немаат намалена работна успешност.

- Ценовникот и начинот на вршење на дополнителната дејност го утврдува министерот за здравство. Веќе формирав тим од експерти од областа на здравството и економијата кои ќе помогнат во наредниот период од месец и месец и половина колку што ќе трае процедурата за усвојување на овој Закон од Собранието, да излеземе со креирање на ценовникот и тоа утврдување на услугите кои ќе бидат предмет на дополнителна дејност и нивните цени, посочи Тодоров.

За давање дополнителна дејност, истакна тој, докторот односно специјалистот ќе има обврска да склучи договор со јавната здравствена установа, а новина е што надоместоците за давање на дополнителна дејност ќе се уплаќаат на посебна наменска сметка на ЈЗУ.

- Надоместокот е составен од компоненета наменета за трошоци на ЈЗУ и од компонентна која е наменета за тимот кој ја дава дополнителната дејност. Здравствен работник може да врши дополнителна дејност во рамки на најмногу 30 проценти од обемот и видот на секоја услуга поединечно од вкупниот број извршени поединечни услуги од тој вид во претходниот месец, рече Тодоров.

Тој појасни дека интенцијата нивна е да ги стимулираат здравствените работници да вршат што е можно поголем број здравствени услуги во претходниот месец за да им се овозможи да вршат поголем број здравствени услуги во дополнителната дејност која е ограничена на осум часа неделно.

За вршење дополнителна дејност треба да се направи посебно требување. Според него, тоа значи дека пред да се врши дополнителната дејност специјалистот кој има договор треба во здравствената установа во која работи да направи посебно требување на сите материјали кои ќе му бидат потребни и за тоа да изготви посебен извештај кој ќе го достави до ЈЗУ која е должна овие извештаи и податоци да ги чува најмалку три години во својата архива заради контрола.

- Очекувам дека со вршење на дополнителната дејност ќе се овозможи повисоки примања на здравствените работници кои работат во ЈЗУ кои ќе ги остварат како резултат на нивна дополнителна работа. Ова е нормална пракса во повеќе земји во Европа и светот. Превидени се и определени санкции за непочитување на одредбите од Законот кои се однесуваат на вршење на дополнителната дејност, додаде Тодоров.