Груевски повика на смирување на состојбата во Струга и да не се злоупотребува за политички цели

Премиерот Никола Груевски денеска повика на смирување на состојбата во Струга, и таа да не се злоупотребува во политички цели, бидејќи тоа е на штета на сите граѓани без оглед на етничката и верската припадност. 

- Би ги повикал сите, независно дали се Албанци, дали се Македонци, дали се Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци итн. Или се христијани или муслимани, енергијата да не ја насочуваат кон негативни работи – како на другиот да му наштетат, да го навредат или да му направат некаква пакост туку како да најдат начин од сите фрустрации да излезат со добри идеи, со идеи за поддршка едни на други, со идеи со коишто земјата заеднички ќе ја придвижиме во една подобра насока и ќе се помагаме и ќе живееме заедно, изјави Груевски, одговорајќи на новинарско прашање по средбата со турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган во Анкара.

Груевски побара од сите политичари, политички партии и поединци коишто ја злоупотребуваат ситуацијата и ги злоупотребуваат верниците и различните етнички групи поради своја лична цел, лична корист најдиректно поврзана со некои наредни избори да престанат да го прават тоа бидејќи прават штета на сопствениот народ.

- На тој начин тие нема да успеат да дојдат до повеќе политички поени затоа што кога целата нервоза ќе помине на секој човек ќе му стане јасно кој и зошто се обидувал да злоупотребува различни настани во политички цели односно во свој личен интерес, истакна премиерот Груевски.