Министерот Бејта на работна средба со 10-те градоначалници од Југоисточниот плански регион
Министерот за локална самоуправа, Невзат Бејта, учествуваше на работната седница на Советот и Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во Струмица.
На седницата се расправаше и се донесуваа заклучоци за спроведувањето на постапките од третата завршна фаза од конкурентниот дијалог за ЈПП за доделување концесија за финансирање, проектирање, изградба и управување со регионалната депонија за комунален цврст отпад во Југоисточниот плански регион. Претседателот на Југоисточниот плански регион и градоначалник на општина Конче, Стојан Лазаров, рече дека на оваа седница повторно се дискутира за регионалната депонија, регионалниот развој и за други актуелни теми.
- На денешнава седница, темата којашто повеќе седници ја дискутираме е депонијата и имаме одредени дилеми што останаа да се презентираат и пред другите колеги. Ќе поразговараме не само за ова проблематика туку и за некои прашања што се поврзани со регионалниот развој. Проблемите се највеќе поврзани со средствата, а Министерот е поранешен градоначалник и најдобро може да не разбере во врска со ова. И од тие причини заедно ќе бараме што е можно поголеми средства, а секако и задоволување на законските услови коишто се дадени, рече Лазаров.
Министерот за локална самоуправа Невзат Бејта рече дека оваа година заедно со градоначалниците ќе се врши притисок финансиските средства што се распределуваат за рамномерен регионален развој да им се доделуваат на самите региони.
- Регионот игра голема улога во нашата држава, треба што повеќе да се децентрализира власта, општините да се зајакнат и да имаат поголеми надлежности за да ги реализираат своите проекти. Денеска ќе се разговара со сите градоначалници од Југоисточниот регион во насока на тоа како да се користат ИПА-фондовите од компонентата 2 за прекугранична соработка, како да се користат фондовите од Европската унија и секако ќе разговараме и за тоа како да се користат понатаму финансиските средства од рамномерниот регионален развој, а тоа значи многу, изјави министерот Бејта.
На работната средба се разгледа и временската рамка за планираните завршни активности, концепцискиот договор и другите правила и обврски за регионално интегрирано управување со комунален цврст отпад со изградба и управување на регионалната депонија – Добрашинци, во општина Василево, од страна на концедентот (општините) и идниот концесионер.