Машинскиот факултет доби две современи лаборатории

Машинскиот факултет во Скопје  доби две нови лаборатории - за бучава и вибрации и за мехатроника, кои се инсталирани  преку владиниот проект за набавка и опремување на околу 190 лаборатории на јавните високообразовни установи во Македонија.

Новите лаборатории, кои служат во производството на автомобили и автоделови, заедно чинат 450 илјади евра. Нив денеска ги посетија премиерот Никола Груевски и министерот за образование и наука Панче Кралев.

- Тие се најсовремени, најнови модели, какви што нема во овој дел на Југоисточна Европа. Тие се веќе ставени во функција, се изработуваат трудови, се прават вежби и се поставуваат конекции со производителите на автомобилски делови во Македонија и надвор од неа. Тие се причина повеќе за многу компании од автомобилската индустрија да дојдат во Македонија и ова е уште еден плус во нивната графа дали треба тука да отворат фабрика или  на друго место, истакна Груевски. Нагласи дека со овој проект се пополнува пазнина зашто две-три децении немало сериозна набавка на лаборатории на факултетите.

Лабораториите им се на располагање бесплатно на студентите и професорите од сите државни универзитети, како и на приватниот сектор кои за надомест ќе може да ги изнајмуваат за свои потреби. Тоа,  според  премиерот, е исплатлива инвестиција зашто со тек на време ќе се врати вложеното.  

Проектот за набавка на околу 190 лаборатории Владата го почна во 2009 година. За околу половина од лабораториите се склучени договори,  а 85 отсто од нив се пристигнати и се сатаваат во функција.