Британско-македонски форум „Градење стратешки сојузи за ефикасно искористување на фондовите на ЕУ“
Како ефикасно и ефективно да се искористат фондовите од ЕУ, е во фоуксот на британско-македонскиот форум насловен „Градење стратешки сојузи за ефикасно искористување на фондовите на ЕУ“, што денеска се одржува во Скопје, во организација на Британската амбасада во Република Македонија.
Поддршката за Република Македонија преку ИПА фондовите на ЕУ, нагласи во обраќањаето заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања Теута Арифи, е многу сериозна, а партнерството од билатерален план што го добиваме од секоја од земјите во однос на зголемување на ефикасноста на искористеноста на фондовите е добродојдена.
- И со овој проект уште еднаш се докажува дека Британија дава голема поддршка на евроинтегративните процеси на целата земја, а тоа е сериозна поддршка за сите граѓани, изјави Арифи и најави низа активности во текот на неделава за информирање на јавноста за можноста за искористување на европските фондови.
На новинарско прашање дали смета дека македонските компании се доволно запознаени со тоа како можат да ги користат ИПА фондовите, таа истакна дека ваквите настани се добра можност за информриање на поширокиот круг не само на компании, туку и на јавноста за можноста за користење на фондовите.
Сите присутни британски компании овде, потенцира британскиот амбасадор Кристофер Ивон, се под закрила на она што се нарекува British Expertise.
- Не е идејата толку за проценти во однос на искористувањето на ЕУ фондовите, туку за квалитетот на нивното искористување, односно како македонските компании кои се присутни тука и веќе биле вклучени во проекти финансирани од ЕУ, како да се подобри нивната експертиза, појасни амбасадорот Ивон.
Грахам Ханд, извршниот директор на British Expertise, организација претставена во целиот свет, информира дека целта е да ги промовираат британските професионални услуги, на покана на Британската амбасада, која, подвлече, е многу активна во промоцијата на македонското стопанство.
- Со нашето присуство тука, сакаме да ја покажеме важноста на македонскиот пазар за нас. Македонија треба да биде многу подобро промовирана во мојата земја и во другите држави во Европа. Конкуренцијата не е само на европско ниво, туку е глобална. И јас многу добро не ја познавам Македонија иако бев британски амбасадор во Босна и Херцеговина, рече Ханд. Тој смета дека Владата и Британската амбасада треба да продолжат со напорите за промоција на Македонија во Велика Британија.
- Ова се тешки времиња за сите земји во Европа, меѓутоа земјата треба да продолжи да вложува напори за зголемување на извозот и пораст на стопанството, е пораката од Грахам Ханд, извршниот директор на British Expertise.