Бесими - Шутановац: Македонија и Србија имаат успешна соработка во одбраната
Соработката во областа на одбраната меѓу Република Македонија и Република Србија е традиционална, покажува успешни резултати и треба и натаму да се зајакнува. Ова е оценката што денеска по средбата во Белград на прес-конференција во Дом на гардата при касарната „Топчидар“ ја изнесоа министрите за одбрана на двете држави, Фатмир Бесими и Драган Шутановац.
Министерот Бесими, кој е во работна посета на Белград, рече дека соработката во областа на одбраната, безбедноста и стабилноста во регионот зависи од волјата да се обезбеди мир и стабилност како еден од основните услови за развој.
Заинтересирани сме, посочи Бесими, за соработка во областа на образованието, воената академија, како и да продолжи праксата за присуство на македонски офицери во Србија и српски офицери во Македонија.
- Во однос на регионалното искористување на нашите капацитети како на билатерално така и на регионално ниво, сметаме дека можеме комплементарно да ги искористиме во воено-медицинскиот дел, во Воената академија и во полигоните во Македонија и Србија, рече Бесими.
Тој истакна дека се запознал со реформите во областа на одбраната во Република Србија и оти му оставил впечаток и делот кој се однесува на регулирање на социјалниот статус на војниците и пензионираните офицери, како што е регулирањето на делот на услугите во пензискиот и здравствениот фонд.
Според него, еден од најголемите предизвици за квалитетни кадровски решенија во одбраната е токму нивниот социјален статус и можноста за унапредување во професионалната кариера. Тоа во Србија е регулирано на оптимален начин, рече Бесими, и додаде дека тоа може да ни користи.
- Разговаравме за активирање на работата на Мешовитата комисија во областа на одбраната за техничка-стручна соработка, која овие теми ќе ги разработи, ќе донесе решенија за поконкретна соработка, како и предлози како што се оние што се однесуваат на воената индустрија, посочи Бесими.
Српскиот министер за одбрана Шутановац рече дека Македонија како соседна држава и е многу важна на Србија од аспект на соработка во областа на регионот и оти двете земји традиционално соработуваат пред се во областа на военото образование, военото здравство итн.
Сакаме, посочи тој, да почнеме со соработка која ќе се однесува на едукација на српски единици во Македонија и македонски единици во Србија.
- Македонија ги развива своите капацитети поврзани со военото здравство кои можат да бидат комплементарни во однос на военото здравство кое го има Србија. Македонија во континуитет има голема присутност во воените мисии. Постои искуство кое Србија го стекнува и можеме да најдеме начин заеднички да учествуваме во мировни мисии во светот под мандат на ОН и ЕУ, истакна Шутановац.
Според него, во евросегментот на реформите Министерството за одбрана на Македонија е пред Србија, а тоа е по прашањето на активна резерва. - Тоа беше една од темите. Важно ни е оваа година да воспоставиме активна резерва и не интересира македонскиот модел, додаде Шутановац и го покани Бесими да учествува на одбележувањето на 100-годишнината од постоењето на военото воздухопловство на Србија кое ќе се одржи во септември во Белград.
Во рамки на денешната работна посета на Белград министерот Бесими се сретна со началникот на ГШ на Армијата на Србија генерал-потполковник Љубиша Диковиќ. Престојот во Белград Бесими ќе го заврши попладне со посета на ЈП „Југоимпорт - СДПР“, кое е во државна сопственост и се занимава со трговија со оружје, одбранбена опрема и трансфер на технологии.