Нов пакет мерки за подобрување на конкурентноста на македонската економија

Околу 50 мерки за подобрување на конкурентноста на македонската економија се разгледуваат на денешната седница на владиниот Економски совет.

Како што изјави вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, станува збор за поширок сет мерки чија цел е подобрување на рангирањето на Македонија во следните извештаи за глобална конкурентност, реално подобрување на конкурентноста и забрзан економски раст.

-  Ова е првиот чекор во делот мерки што ќе ги преземеме за подобрување на конкурентноста. Во јуни предвидуваме да излеземе со вториот пакет, истакна Пешевски.

Следните неколку месеци ќе биде спроведена анкета меѓу компаниите кои треба да го дадат своето мислење за условите за водење бизнис и за конкурентноста на македонската економија.

- Ќе побараме од компаниите проширување и дополнување на овој прашалник, да кажат како гледаат на сите овие сектори, не само на делот на подобрување на бизнис климата, туку глобално, на сите аспекти на конкурентноста и што е она што Владата би можела да го направи за да има подобрување, напомена Пешевски.

Мерките што се разгледуваат на денешниот Економски совет ќе бидат презентирани на следната владина седница, а се комплементарни со најавените за подобрување на рангирањето за Дуинг Бизнис.

Македонија има подобрување во однос на конкурентноста изминатите години, но, сепак, оцени Пешевски, има простор за позначително унапредување на нашето рангирање во Извештајот за глобална конкурентност каде моментно се наоѓаме на 79 место.