Тодоров: Во првата фаза од мерките за централизирани набавки, интраокуларни леќи за 10 ЈЗУ

Министерството за здравство ќе спроведе процедура за набавка на интраокуларни леќи за 10 јавни здравствени установи меѓу кои се Новата градска болница „8 Септември“, на Офталмолошката клиника, во клиничките болници Штип, Битола и Тетово, како и во општите болници во Прилеп, Куманово, Велес, Гевгелија и Струмица.

Ова е првата фаза од мерките што денеска на прес-конференција ги презентираше министерот за здравство Никола Тодоров, кои, како што рече, предвидуваат централизирани набавки на повеќе медицински материјали, опрема, лекови и се што е потребно за редовно и нормално функционирање на јавните здравствените установи.

- Констатиравме дека повеќе јавни здравствени установи, иста опрема или артикли ги набавуваат по различни цени. Во конкретниот случај со леќите, варијациите на цени беа следни: една јавна здравствена установа ги набавува леќите за 5.100 денари, друга за 8.900, трета дури и за 10.900 денари. Ова значи дека различните ЈЗУ исти производ - леќи го набавуваат по различна цена, истакна Тодоров. 

Тој посочи дека заради тоа Министерството одлучило да ја преземе набавката на овие леќи на начин што ќе склучи договор со овие 10 јавни здравствени установи и во нивно име и за нивна сметка да ја спроведе набавката.

Министерството, појасни тој, ќе склучи рамковен договор со најповолниот набавувач, а сите овие 10 ЈЗУ ќе имаат обврска да склучат поединечни договори со избраниот понудувач на тендерот. На овој начин, според Тодоров, ќе се добие унифицирана цена и квалитет на леќа во Македонија и сите пациенти ќе знаат дека леќа со ист квалитет има во сите ЈЗУ кои вршат вакви здравствени интервенции.

- Од примерот што го кажав набавивме соодветна пресметка кога во Република Македонија за 2011 година набавени се леќи во износ од 25 милиони денари. Кога сите леќи би биле набавени по најевтината цена што е понудена тогаш вкупната сума на набавката би изнесувала 15 милиони денари. Тоа е 10 милиони денари заштеда или заштеда од околу 40 проценти. Тоа е сериозна заштеда на средства кои можат да се искористат за други развојни делови на буџетите на ЈЗУ, рече Тодоров.

Посочи дека очекува на овој тендер кој денеска ќе биде објавен и ќе биде меѓународен, набавката да биде 80 милиони денари.

- Очекуваме да учествуваат повеќе компании, да се овозможи повисоко ниво на конкуренција и да постигнеме цена која е пониска од најниско постигната цена досега. На тој начин уште поголема ќе биде заштедата на средства, а може да добиеме и поквалитетна леќа за помалку средства. На целата територија на Македонија ќе има иста леќа со ист квалитет и пациентите нема да бидат доведени во ситуација да бараат ЈЗУ каде има поквалитетна леќа, укажа Тодоров.

Тој додаде дека со овој нов концепт на функционирање ќе обезбедат дополни средства за други проекти или за унапредување и подобрување на состојбите во јавното здравство. Најави дека ќе има и други тендери за покривање на потребите на ЈЗУ.