Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, заедно со градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи и претседателот на ДУИ и коалиционен партнер во Владата, Али Ахмети, денеска беше во посета на компанијата „Еколог" од Тетово кадешто оствари средба со почесниот претседател на Советодавниот одбор на компанијата, Лазим Дестани.
На средбата беше посочено дека станува збор за водечка компанија од светски ранг којашто обезбедува синџир на снабдување со прилагодени решенија, управување со објекти за влади, министерства за одбрана, светски хуманитарни организации и работи за клиенти од областа на енергетиката, рударството и инфраструктура. Компанијата оперира во 42 земји и ангажира повеќе од 12.000 луѓе на 150 различни локации во светот.
На средбата беа споделени информации дека компанијата има воспоставено партнерства со армиите на САД, Франција, Германија, со ЕУФОР, НАТО, и со повеќе интернационални компании како што се Шел, Флуор, КБР и др.
Премиерот Заев посочи дека со решавање на крупните политички прашања и со полноправното членство на земјата во НАТО и започнувањето на преговори со ЕУ, се отвораат широки можности за нови инвестиции на домашни интернационални компании како што е Еколог, за која рече дека е успешен пример на домашна компанија која оперира во светски рамки и тоа претставува гордост за нашата земја.
Во рамки на посетата на компанијата, премиерот Заев имаше прилика да направи обиколка и да се запознае со нејзините редовни активности.
Исто така беа споделени информации за можности за нови приватни инвестиции на компанијата Еколог во Република Северна Македонија.