Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев по завршувањето на Виенскиот економски форум 2019 - „Економски разговори во Виена - Нови перспективи за Република Северна Македонија“, даде и изјава за дел од македонските медиуми коишто беа во Виена.
Вицепремиерот посочи дека интересот за инвестирање во земјава е сѐ поголем, Северна Македонија е на мапата на компаниите што сакаат да го прошират производството.
„Остваривме средби со повеќе компании, се разбира одлуките за инвестирање не се прават по одржување на само една средба. Сепак, еден дел од средбите се и продолжување на контакти со компании со кои сме се среќавале и претходно. Постои инвеститор, во секторот за медицинска опрема, којшто сака да отвори фабрика во нашата земја.
Тоа е позната компанија која произведува потрошен материјал за хируршки сали, тие се еден од најголемите снабдувачи на овој вид на материјал во Југоисточна Европа и токму затоа е интересот за изградба на фабрика во Северна Македонија. Тоа не е прва средба со оваа компанија, со нив разговараме веќе подолг период. Воедно разговаравме со компании од градежништвото, за инфраструктурни проекти, во областа на енергетиката, каде што имаше заинтересирани инвеститори во делот на обновливите извори на енергија, го отворивме прашањето и за Чебрен, како и со компании од прехранбената индустрија. Можам да кажам дека оние процеси кои беа започнати се продолжени, некои ги приведуваме кон крај, како што е случајот со компанијата од медицинската индустрија, која е при крај во донесувањето на одлука за изградба на фабрика, додека активно работиме и другите компании да ги привлечеме како инвеститори или економски оператори“, изјави Анѓушев.
Вицепремиерот Анѓушев одговараше на новинарски прашања во врска со барањата на компаниите кои присуствуваа на средбите, а кои имаат свои економски операции во Северна Македонија, како и за пројавениот интерес на компаниите за инвестиции во нашата земја.
На новинарско прашање поврзано со барањата на дел од телекомуникациските компании за фискални и парафискални олеснувања со кои би се намалиле цените за роаминг во мобилната телефонија кон други земји, вицепремиерот одговори дека барањето ќе биде разгледано со сериозност со цел да се обезбеди поевтин роаминг за македонските граѓани во комуникациите со други лица од земјите на Европската Унија.
„Со оглед на тоа дека тарифите во мобилната телефонија во сите земји од ЕУ се изедначени, граѓаните од овие земји практично во која земја од ЕУ се наоѓаат имаат бесплатен роаминг и разговорите ги извршуваат како да се наоѓаат во сопствената земја. Северна Македонија сѐ уште не е дел од ЕУ, но Владата прави напори колку што е можно поевтин роаминг да обезбеди за граѓаните и ќе ги преземеме потребните чекори во насока на обезбедување на поевтини сервиси за граѓаните“, нагласи Анѓушев.