Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, вечерва присуствуваше на настан организиран од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, по повод одбележување на Светскиот ден на културната разноличност за дијалог и развој, којшто е прогласен на 21 мај од Обединетите нации и УНЕСКО.
Настанот го отвори директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, кој им посака добредојде на присутните, и нагласи дека оваа манифестација ги заокружува активностите реализирани во рамки на „Неделата на заедничка молитва“, реализирана од 13 – 21 мај со цел да се поттикне соработката и дијалогот меѓу верските заедници, за стабилен и одржлив процес на градење доверба, пријателство и општество на вистински човекови вредности, на соживот и напредок.
Пред присутните гости меѓу кои претставници на државните институции и граѓанскиот сектор, како и сите претставници на верските заедници во РСМ премиерот Зоран Заев се обрати со порака дека културната разноличност е од корист за целото човештво.
Во продолжение ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Зоран Заев:
„Денеска го славиме и величиме Светскиот ден на културната разноличност за дијалог и развој.
Овој убав настан, инспириран од уште поблагороден повод - Светскиот ден на културната разноличност за дијалог и развој – не потсетува дека не треба да зборуваме за културни разлики што не делат едни со други, туку дека треба да зборуваме за културна разноличност која ни дарува сила од глобални размери, која може да биде од корист на целото човештво.
Денешниот ден, исто така, е ден за пораката дека интеркултурниот дијалог е -најдобрата гаранција за мирен, праведен и одржлив свет на културна разноличност. Свет во кој уникатноста на другиот е богатство на разноличноста на светот.
Културната разноличност е инспирација и мотивација за креативноста како инвестиција за промени за подобри општествата. Општества со хуман, човечки лик.
Инвестицијата и должноста на нашето општество е да ги развиваме образованието и меѓукултурните вештини кај младите луѓе за да ја одржиме разноличноста на нашата земја и да научиме да живееме заедно со разноличноста на нашите јазици, култури и религии, за да ја градиме нашата инвестиција создадена токму од разноличноста на културите и традициите на народите на нашата земја – инвестицијата Едно општество за сите.
Во светлината на силната симболика на овој ден, токму денеска во Владата ја организиравме првата јавна расправа за драфтот на нашата „Национална стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија”, токму овде во овие простории во Клубот на пратеници.
Стратегијата е исцртување на една од главните карактеристики и вредности на Република Северна Македонија. Земја која во светот веќе се препознава по нашата определба да градиме и негуваме општество еднакво за сите. Да изградиме граѓанско општество, истовремено со почит кон социјалните, етничките, националните, верските и културните разлики како посебност и суштина на нашето заедништво. Заедништво што се градеше со векови и кое претставува обврска за нашата заедничка иднина.
Треба безрезервно да прифатиме дека културната разноличност е динамична сила за постигнување на одржлив развој. Светскиот ден за културна разновидност за дијалог и развој ни дава можност да го продлабочиме нашето разбирање на вредностите на културната разноличност и да научиме да живееме заедно како едно семејство што дели заеднички вредности.
Треба безрезервно да прифатиме дека секој од нас има шанса да направи нешто за разноличноста и инклузивноста да станат алатки за дијалог и разбирање, за мирот и безбедноста, како неопходни за одржливиот развој на нашата заедница.
Прашање на нашата иднина е да ја интегрираме културата на сите наши заедници во сите наши развојни принципи. Особено оние поврзани со младинските прашања, како што се образованието, јавното здравје и животната средина, како наш придонес за развојот на хармонично општество со сите разлики.
Прашање на наша обврска е да учествуваме во глобалните иницијативи за важноста на меѓукултурниот дијалог, различноста и инклузијата, за да бидеме дел од оние што веруваат дека таму каде што се спојуваат различните култури настанува магијата на заедништвото.
Среќен нека ни е Светскиот ден на културната разноличност за дијалог и развој!“