Сарачини најави скорешно решение за Чебрен и Галиште

Министерот за економија Ваљон Сарачини очекува наскоро да има конечно решение за јавниот повик за изградба на хидрицентралите Чебрен и Галиште на кој свои понуди доставија кинеската CWE  и грчката PPS. 

- Владата побара дополнителни стручни информации од страна на Комисијата за евалуација на понудите на тендерот за изградба на хидроцентралите Чебрен и Галиште. Од Комисијата рекоа дека за дваесетина дена ќе ни ги достават побараните информации. Мислам дека сме многу блиску до решение на овој проблем и не би сакал да им направиме дополнителни притисоци, рече министерот Сарачини во одговор на новинараско прашање по средбата со претставниците на Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР) во неговиот кабинет.

На една од наредните седници, прецизира,  веројатно ќе треба конечно да ја известиме Владата во однос на одлуката на Комисијата.

Тој потврди дека имал средба со менаџментот на ОКТА на која генерално разговарале за состојбата со снабдувањето со нафтени деривати по најавите за прекин на дотурот на сурова нафта од Иран за Европа.

- Не известија дека снабдувањето ќе биде стабилно бидејќи поголем дел од нивните нафтени деривати се од Русија, рече Сарачини.

Во врска со средбата за методологијата за формирање на малопродажните цени на нафтените деривати истакна дека е одложена за некој од наредните месеци.

- Овој проблем се влече од 2008 година. Потребно е да формираме работна група за да ја утврдиме методологијата за формирање на цените на нафтените деривати, додаде Сарачини.