Министерката за правда Рената Дескоска и министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, учествуваа на конференција посветена на „Зајакнување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и приватниот - бизнис сектор“, која се одржа денеска во организација на Центарот за граѓански комуникации и здружението Конект.
Обраќајки се на панелот посветен на „Важноста на интегритетот и намалувањето на корупцијата во бизнис секторот” министерката Дескоска направи паралела за поврзаноста на корупцијата во јавниот и приватниот сектор.
„Главното мото беше да дефинираме корупција од два аспекти: Активна корупција и пасивна корупција. Исто како што за танго се потребни двајца, и за корупција се потребни најмалку двајца. Едниот којшто е носител на активна корупција и другиот којшто е носител на пасивна корупција. Затоа не случајно ставивме одредби коишто треба да значат обврска на јавните функционери да се исклучуваат од судир на интереси, бидејќи честопати гледавме дека своите фирми се преферираа во минатото, сега имаме сериозни забрани во Законот за спречување на корупцијата коишто треба да оневозможат ситуации на судир на интереси“, потенцираше Дескоска.
„Имаше одредени афери коишто зборуваа за доделување на помош, грантови и слично на фирми коишто се блиски до високи функционери - тоа прашање го решивме во Законот за спречување на корупцијата со одредени забрани, но и со други механизми доколку се случи да има пообјективни и потранспарентни процедури, тоа да биде пријавено до ДКСК којашто ќе испита дали се искористени процедурите онака како што треба, дали се преземени сите заштитни механизми за спречување корупција“, додаде министерката.
Според Дескоска, корупцијата не е само активно или пасивно земање на финансиски средства: „Често пати самиот тип на нелојална конкуренција којашто се создава во бизнис секторот произлегува од пристапот до одредени податоци коишто одредени фирми ги имаат, а други ги немаат“.
Министерката истакна дека правната рамка е добра, но дека како држава, често пати страдаме од неимплементацијата на законските одредби.
„Тука се на потег ДКСК, но тука се на потег и Јавното обвинителство и судовите. Една е активноста којашто треба да е превентивна на ДКСК. Сите очи на јавноста се насочени кон нив бидејќи тие блеснаа во изминатиот период со својата активност, наспроти онаа ДКСК што ја имавме во минатото. Но, ДКСК не е единствен орган и не смее да остане единствен орган. Затоа и се насочени нашите напори кон донесување на новиот Закон за Јавното обвинителство којшто треба да ни овозможи уште еден траен механизам во борбата против корупцијата“, потенцираше Дескоска.
Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски во своето обраќање на панелот посветен на транспарентноста и отчетноста на претпријатијата во државна сопственост, даде краток осврт на наследената состојба во однос на достапноста до информациите. Министерот Поповски истакна дека рокот за одговор на барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер е намален од 30 на 20 дена. Тој ги истакна напорите и преземените активности на оваа Влада, во насока на отворање на владата и нејзините институции за медиумите и за граѓаните.
„Во минатиот период, кога бевме квалификувани како „заробена држава“ постоеше еден завет на молчење – по сите основи. Ниту дебати, ниту дискусии, ниту било кој доставуваше, а ми се чини дека ниту било кој, или многу ретко некој прашуваше за информации, состојби, појави, финансиски извештаи, не само на Владата туку и на претпријатијата.
Стартувавме од минусно салдо во насока на отвореноста на институциите и стигнавме до првото место во споредба со владите од регионот. Во 2017 година, бевме на последното место, а за една година стигнавме на првото место - тоа говори нешто”.
Улогата на медиумите како чувар на јавниот интерес од аномалиите кои се јавуваат во јавниот сектор е клучна за подобрување на состојбите, но соработката со Владата и министерствата допринесува во расветлувањето на состојбите.
„Медиумите брзо реагираат на секоја девијантна појава - и тоа е одлично. Не случајно, како резултат на отвореноста на Владата, на една претходна дискусија од овој тип беше спомнато дека истражувачките стории во медиумите за една година се зголемени повеќекратно, дури и за пет пати. Тоа говори дека изворот на информации е достапен и отворен. Во иднина, многу ќе биде тешко да се кријат информации“, потенцираше Поповски.
„Како резултат на транспарентноста на Владата заштедени се околу 100 милиони евра. Таму кај што има контрола и притисок има резултати“, додаде Поповски.
Понатаму, министерот Поповски ја истакна неопходноста од системски пристап, со оглед на фактот дека институциите секојдневно објавуваат информации по различни основи и најави Стратегија за транспарентност која ќе се изработува во соработка со граѓанските организации.