Во Струмица се одржа четвртата, од серијата јавни дискусии за претставување на нацрт текстот на „Националната стратегијата за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија“.
Јавната дискусија со поздравен говор ја отвори градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, кој меѓу другото ја поздрави изработката на стратегијата за едно општество и интеркултурализам со надеж дека истата ќе ги исполни очекувањата за реализација на едно еднакво општество за сите, и ќе ги крши сите ѕидови на досегашните предрасуди.
Министерот без ресор задолжен за дијаспора Адеми истакна дека врз основа на оваа стратегија ќе бидат иницирани активности за зајакнување на процесите на комуникација и соработка меѓу заедниците во кои секој граѓанин, без исклучок, ќе се чувствува како еднаков, рамноправен припадник на општество, кое е и фер и правично за сите.
„Велат дека нашата влада е повеќе е фокусирана на надворешната политика, и дека малку сме се грижеле за внатрешната политика. Како да забораваат дека надворешната политика е во функција на политиката на нашата земја. И дека е рефлексија на духот што се применува во внатрешната политика. Успесите во надворешната политика не беа случајни. Добрососедството и Договорите со Грција и Бугарија се одраз на нашата општествена кохезија”, рече министерот Адеми.
Министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Елвин Хасан во своето обраќање нагласи дека со стратегијата јасно ќе знаеме кои се нашите приоритети и цели и кои се мерките кои сите заедно треба да ги преземеме со цел реализација на нашиот исклучително значаен проект, односно концептот Едно општество за сите.
Ленче Христова, од Организацијата на жени од Струмица изрази задоволство што Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија, како прв документ од овој вид, има за цел да ги зајакне и да ги истакне долгогодишните заложби на граѓанските активисти, односно нивните каузи за еднаквост и еднакви можности на сите граѓани.
По официјалните обраќања на учесниците следеше презентација на Нацрт текстот на стратегијата од страна на Олимпија Христова-Заевска, координатор на кластерот локална самоуправа и советник за меѓународна економија и развој во Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, како и јавна дискусија со присутните сограѓани.