Отворена современа сала за бокс во рамки на СЦ „Борис Трајковски“

Во рамки на спортскиот центар „Борис Трајковски“, во состав на базенот „Младост“ во Скопје денеска беше отворена современа сала за бокс по светски стандарди за натпреварување.

Салата располага со професионален ринг, современа боксерска опрема, озвучување, осветлување, климатизација, модерен систем за енергетска ефикасност и трибини за 50 гледачи.

Објектот го отвори премиерот Никола Груевски кој во обраќањето пред присутните рече дека во изминатите неколку години, македонската спортска историја бележи голем број работи кои првпат се случуваат во Македонија и по десетици години од минатото.

- Па така, во овие изминати години Владата почна финансиска поддршка на врвните македонски спортисти, почнаа да се доделуваат стипендии и спортски пензии, да се ценат и вреднуваат големите спортски резултати, да се градат и се изградија голем број спортски сали, фудбалски игралишта, училишни и фискултурни сали, тениски терени, а се доизгради и стадионот „Филип Втори Македонски“, рече Груевски.

Премиерот истакна дека со отворање на салата се отвора и можност за оформување и боксерски клуб во рамки на спортскиот центар, а новата сала ќе биде во корист и на македонските репрезентативци во бокс.

- Со изградбата на оваа сала, македонскиот спорт прави уште еден чекор напред. Ние сме сосема свесни дека се потребни уште многу чекори напред, но она што е важно е дека не стоиме во место, туку дека се движиме и нема повеќе застанување. Инвестициите во спортот продолжуваат, потенцираше Груевски.

Осврнувајќи се на проектите кои се планирани да се градат во иднина во рамки на спортскиот центар, премиерот апелираше до градоначалникот на општина Карпош Стевче Јакимовски да не го гледа спортот како дел од политичка битка и да не ја кочи изградбата на аква паркот, пролонгирајќи го носењето на ДУП-от.

- Една година и три месеци чекаме општина Карпош да го промени деталниот урбанистички план кој ќе ни овозможи изградба на планираните објекти. За жал, постојано има само ветување, без реализација и се помалку веруваме дека тоа е време кое е потребно да се сработи работата, затоа што сите знаеме дека ДУП се менува за максимум четири месеци и оти нема политичка волја од страна на Карпош да се заврши ова, рече Груевски кој изрази надеж дека и советниците од СДСМ, покрај градоначалникот, ќе најдат сили да овозможат промена на ДУП-от за да се доизгради центарот.

Важно е во нашето време, додаде тој, независно од која партија, да се создадат дела кои ќе останат за идните генерации.

Според директорот на СЦ „Борис Трајковски“ Ратко Капушевски, денес Македонија го живее времето на модернизацијата и на инвестиции во сите ресори.

- Мојот фокус е спортот како јавно добро кој беше занемарен цели 15 години поради чуството на претходните владини гарнитури. Македонија денес, благодарение на Владата, го има центарот „Борис Трајковски“ кој го сочинуваат преку 15 спортски објекти, а е сертифициран за преку 35 олимписки спортови, рече Капушевски.

Преку 4.000 граѓани дневно во спортскиот центар, информираше Капушевски, уживаат во јавните добра, се рекреираат и спортуваат во најдобри услови. Во иднина, како што рече, планирана е изградба на четири тениски терени и едно мултифункционално игралиште, како и аква парк кој зависи од деталниот урбанистички план што треба да го донесе општина Карпош.